Столтенберг го одби ветото на Русија за евентуалното членство на Украина во НАТО

Брисел, 11 декември 2021 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, се спротивстави на секакво вмешување на Русија во врските меѓу Алијансата и Украина, не сакајќи да го одбие евентуалното членство на Киев во нејзините редови, што јасно го побара Москва.

„Само триесетте членки на Алијансата и самата Украина и никој друг можат да одлучуваат за односите меѓу НАТО и Украина и никој друг“, рече Столтенберг по средбата со новиот германски канцелар Олаф Шолц.

„Не можеме да дозволиме Москва да се обиде повторно да воспостави систем во кој суперсилите, како Русија, да имаат свои сфери на влијание во кои ќе можат да контролираат што земјите прават или не прават. Ние нема да преговараме за правото на секоја земја во Европа да одлучува за сопствената судбина“, додаде тој.

Русија побара од НАТО да го повлече ветувањето дадено во 2008 година до Украина и Грузија дека еден ден ќе бидат членки на Алијансата и побара НАТО да се обврзе дека нема да распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија, објаснувајќи дека тоа ја загрозува нејзината безбедност.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Руското Министерство за надворешни работи ги објави овие барања, најдиректно досега во безбедносните гаранции, што претседателот Владимир Путин сака да ги добие од САД и нивните сојузници.

Но, ова барање, што де факто е руско вето за членството на Украина во НАТО и е најексплозивното прашање во односите Исток-Запад, е нешто што Вашингтон и Киев веќе категорично го отфрлија.

НАТО е на пат да ја прифати Украина, што ќе доведе до распоредување на ракетни системи кои можат да бидат насочени кон Русија, соопшти Москва.

- Реклама -