Шолц: Приоритет е висока стапка на вакцинација во ЕУ

Новиот германски канцелар – Олаф Шолц, по Париз, го посети седиштето на Европската Унија каде одржа прес конференција со претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Главен приоритет на новата германска Влада е здравството и борбата против климатските промени. Прво и пред сѐ го отворивме прашањето за пандемијата на Ковид кое е многу важно за Европа, приоритет е висока стапка на вакцинација, како и вакцината да се направи достапна и атрактивна за сите“, изјави Шолц по средбата со Фон дер Лајен.

Потоа тој се осврна на зелената политика на Германија, која е поамбициозна од таа на Европската Унија. Канцеларот истакна дека Германија има цел да постигне климатска неутралност до 2045, односно пет години пред целта зацртана од ЕУ.

„Последица на тоа значи дека ќе туркаме за обновливи енергии на таков начин што ќе ѝ овозможиме на индустријата да стане климатски неутрална“, рече германскиот канцелар.

Фон дер Лајен од своја страна изрази задоволство по разговорите со Олаф Шолц со кого таа во минатото соработувала два пати во германски влади. За шефицата на ЕК пандемијата исто така е врвен приоритет.

„Гледаме највисоки нивоа на инфекции во некои земји членки на ЕУ, делта сојот е најприсутен сега, но омикрон е присутен речиси во сите земји и научната заедница засега не знае колку е тешка болеста, но она што е јасно е дека сојот е многу заразен, бројките дуплираат секои два до три дена и најдобрата заштита што ја имаме се три дози на вакцина“, изјави Фон дер Лајен.

Таа се осврна на Русија и нејзината воена активност на границата со Украина, една од главните теми на разговор со германскиот канцелар.

„Сакаме деескалација и прекин на агресијата против соседите, како и почитување на суверените права на нации, во спротивно ЕУ ќе мора да ги интензивира санкциите и да донесе дополнителни мерки, ние сакаме добар однос со Русија, но тоа ќе зависи од начинот на кој таа ќе се однесува“, рече Фон дер Лајен.

Во однос на барањата на Франција за поголема флексибилност во буџетските правила во ЕУ, нешто за што Ангела Меркел одбиваше да попушти, претседателката на ЕК на прес конференцијата денеска рече дека разговарале за изнаоѓање компромис на оваа тема, но засега, со оглед на пандемијата која сѐ уште трае, правилата остануваат пофлексибилни.

Фон дер Лајен додаде дека на европската економија ќе ѝ бидат потребни дополнителни инвестиции. По завршувањето на кризата ќе се преговара за идните буџетски чекори.

- Реклама -