Петмина офицери од Армијата се вклучуваат во командната структура во НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со четворица од петтемина новоизбрани офицери од Армијата на Република Северна Македонија кои во следните четири години ќе извршуваат работни задачи во командните структури на НАТО. Заедно со уште еден офицер, кој веќе е во Измир во Турција, тие ќе бидат првата репрезентација на земјава што ќе ги пополни овие офицерски места во командната структура во НАТО.

Шекеринска информира дека во тек се конкурси за дополнителни седум НАТО позиции на различни нивоа, а планот е до 2023 година целосно да се пополнат сите 20 места, што ни припаѓаат во командната структура во НАТО.

Таа им посака успех и нагласи дека нема никакви дилеми дека одлично првпат ќе ја претставуваат нашата татковина во најмоќната воено-политичка Алијанса. Шекеринска потенцира дека тие поминале низ повеќе филтри, биле проверени, интервјуирани, но сето тоа било возможно заради тоа што секој од нив работел речиси 20 години во Армијата.

„Сојузниците знаат дека во нас добија не само сериозен, туку и одговорен и исполнителен сојузник, кој тоа што ќе најави и ќе го вети, знае да го исполни, а го има и капацитетот и знаењето за тие функции“, изјави министерката Шекеринска, додавајќи дека овие офицери ќе го потврдат таквиот впечаток, а искуството што ќе го стекнат, ќе го вградуваме во нашата армија и одбрана

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Потполковник Горан Стојановски, кој во името на останатите одбрани офицери, изјави дека за нив тоа е огромна чест, но и одговорност.

„Сигурен сум дека ќе дадеме се од себе да ја оправдаме дадената доверба и достоинствено да го претставуваме ликот на офицерот и старешината во Армијата на РС Македонија и на државата. Дополнителен предизвик ќе претставува работата во мултинационалната воена средина, каде со останатите старешини од земјите членки на НАТО ќе работиме на задачите што ни се дадени од областа на нашите работни должности. На тој начин ќе имаме и можност да ги покажеме нашите квалитети и капацитети. Не е само тоа, ќе имаме можност да се стекнеме со нови знаења и искуства, кои кога ќе се вратиме назад да ги пренесеме на останатите колеги и да придонесеме за подобар квалитет на армијата при решавање на идните предизвици“, изјави Стојановски.

Меѓу другото министерката за одбрана Шекеринска информира дека веќе е објавен првиот конкурс, со кој на питомците на Воената академија „Михаило Апостолски“ им се дава шанса да се школуваат сите години во најпрестижната институција „Вест Поинт“ во САД.

МИА

- Реклама -