Софија, 9 декември 2021 (МИА) – Над 70 отсто од бугарските граѓани го сметаат за приоритет решавањето за односите на Скопје со Софија, а не пристапувањето на Северна Македонија кон Европската Унија. Најмладите и различните малцински групи се малку подистанцирани од темата, покажуваат податоците на истражувањето на „Галуп Интернешнл Балкан“, пренесе БНР. Истражувањето е спроведено „лице в лице“ со таблети во периодот од 25 ноември до 3 декември, меѓу 803 полнолетни бугарски граѓани.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според истражувањето, 71.1 отсто од Бугарите сметаат дека најважно е да се средат односите на Република Северна Македонија со Бугарија, а не е толку важно дали Република Северна Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Спротивното мислење имаат 7.5 проценти, додека останатите 21.4 отсто се двоумат.
Малку понаклонети кон игнорирање на проблемите во односите со Северна Македонија имаат најмладите и луѓето со пониско образование. Сепак, уделот на оние кои ја поддржуваат опцијата Северна Македонија да стане членка на ЕУ, без разлика на проблемите во односите со Бугарија, не надминува една десетина. Најсилни во ставот дека најважно е да се средат односите меѓу двете земји, а не толку дали Северна Македонија ќе влезе во ЕУ се постарите, возрасните групи над 45 години и жителите на Софија. Најголем дел од тие што се двоумат, се меѓу помладите испитаници, лицата со основно или пониско образование, како и испитаниците кои се идентификуваат како Турци и Роми. Во Софија, каде што живеат луѓе со повисоки примања и образование, во поактивните економски години – оние кои даваат приоритет на членството на Северна Македонија во ЕУ се само 2 проценти, а спротивното мислење е близу 80 отсто.
Меѓу електоратот на бугарските партии речиси има едногласност – над 80 отсто од поддржувачите на „Продолжуваме со промената“ и на ГЕРБ се на став дека решавањето на односите е приоритет, а потоа доаѓа патот на Северна Македонија кон ЕУ. Малку поголем е уделто на тие кои се колебаат меѓу ДПС, но и таму, најмногу се на ставот дека „најважно е решавањето на односите“. Интересно е што меѓу симпатизерите на БСП, има малку позабележителен дел на колебање во однос на општата слика.