Денови на жалост во Бугарија и Македонија поради автобуската несреќа на автопатот „Струма“

Македонската Влада, на денешната редовна 120-та седница која започна со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 46 лица, и во знак на сочувство со нивните семејства, донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.

За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 до 25 ноември (вторник, среда и четврток).

За време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје.

„Се одложуват сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост“, соопшти владината прес-служба.

Утрешниот ден ќе биде ден на жалост и во Бугарија. Со одлука на Министерскиот совет на Бугарија, 24 ноември 2021 година е прогласен за Ден на национална жалост во спомен на жртвите од пожарот што вчера (на 22 ноември) избувна во Домот за стари лица во селото Ројак во Општина Дулгопол и за настраданите во денешната тешка автобуска несреќа на автопатот „Струма“.

„Владата изразува сочувство до роднините на жртвите. Во нивен спомен државните знамиња на сите државни институции ќе бидат спуштени на половина копје“, соопшти прес-центарот на бугарската Влада.

- Реклама -