Амстердам, 20 ноември 2021 (МИА) – Протестот против епидемиолошките мерки најавен за денеска во Амстердам е откажан по синоќешните насилства на демонстрациите во Ротердам, соопштија организаторите.
Толпи демонстранти запалија автомобили и фрлаа камења кон полицијата, која одговори со предупредувачки истрели и водени топови за време на протестите синоќа во Ротердам против ограничувањата поради Ковид-19, јави ДПА.
Портпаролката на локалната полиција изјави дека имало предупредувачки истрели, но и целни истрели, бидејќи ситуацијата била „опасна по живот“. Според полицијата, седум лица се повредени, најверојатно од предупредувачки истрели, но точната причина ќе ја утврди истрагата.
Поради немирите, возовите до и од пристанишниот град се суспендирани до понатамошно известување, а не се предвидени автобуси за замена за оние кои сакаат да патуваат.
Демонстрациите, свикани од неколку организации, беа против плановите на владата да воведе здравствен сертификат поради зголемениот број случаи на коронавирус во Холандија. Според мерката, само на вакцинирани и на оние кои прележале Ковид-19 ќе им биде дозволено да присуствуваат на јавни настани, во кафулиња и ресторани.