Христијан Мицкоски треба да собере храброст и точно и директно да одговори пред граѓаните каква е неговата поврзаност со скандалот „криминални парцели“, повика денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.
„На површина во јавноста излегуваат нови докази околу овој скандал и сите водат до Белиот дворец, до поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и луѓе околу Мицкоски“, истакна Кузеска, посочувајќи дека телохранителот на Христијан Мицкоски – извесен Влатко Илиевски, со еден купопродажен договор од неверојатни 500.000 евра и на крајно сомнителен начин продал земјиште од речиси 40.000 метри квадратни во регионот на Делчево.
Кузеска, притоа, презентираше документи (приложени во видеото, и на крајот од текстов) според кои парцелите Илиевски не ги купил, туку истите ги добил како дар, и тоа само неколку недели пред да ги продаде.
„Зошто некој би дал подарок земја од 40.000 метри квадратни? Еве ги договорите кои отвораат сомнежи. На Илиевски во период од десеттина денови му се подаруваат парцели земјиште со вкупна површина од близу 40.000 метри квадратни. Сите парцели Илиевски потоа ги има продадено“, истакна Кузеска, додавајќи дека овие шеми се случувале пред почеток на изборната кампања, за што предистрага има отоврено и надлежна институција.
„Сите факти од документите кои што се веќе објавени во јавноста и лесно достапни покажуваат инволвираност на лица кои се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Телохранител на Мицкоски, поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Делчево, татко на пратеник на ВМРО-ДПМНЕ“, акцентираше портпаролката на СДСМ.
Од владејачката партија велат дека имаат оправдани сомневања дека разликата од препродажбата, во форма на „црни пари“ завршила во приватни џебови или во „Белиот дворец“.
„Затоа ли брзаше Мицкоски да ја турне Владата, за да се спаси од овој скандал?“, праша Кузеска, додавајќи дека за аферата „криминални парцели“ потребна е брза и ефикасна истрага на надлежните институции која ќе ги даде сите одговори и детали и ќе лоцира одговорност.