СДСМ: Телохранителот на Мицкоски, со договор вреден 500.000 евра, е дел од скандалот со парцелите

„На површина исплива голем скандал кој директно води до Белиот дворец и луѓе блиски на Христијан Мицкоски. Неколку лица, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, сите вредни околу 40.000 евра. Истите парцели само две-три недели подоцна ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1.6 милиони евра“, обвини денеска пратеничката на СДСМ – Славјанка Петровска, на прес-конференција.

Како што истакна таа, прашањето на кое одговор треба да даде истрагата е дали разликата од над 1.5 милиони евра завршила во нечии џебови или, како што рече, „директно во Белиот дворец“.

Таа посочи дека во медиумите се споменуваат повеќе имиња кои се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Игор Г. – поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Т. – поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ, но и други.

Но, според Петровска и СДСМ, скандалот е многу поголем и води директно до Мицкоски.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

„Едно од вмешаните лица е и Влатко Илиевски, дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски“, обвини пратеничката, презентирајќи документ за кој тврди дека е Договорот за купопродажба на Илиевски, вреден неверојатни 500.000 евра.

Фото: СДСМ

„Го повикуваме Христијан Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори:

• Каква е неговата поврзаност со овој скандал?
• Дали со негово одобрување и знаење е склучен овој договор?
• Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во Белиот дворец за што постојат оправдани сомневања?“, праша Петровска.

Таа сугерираше дека овој скандал бил еден од причините зошто опозицијата брзала да изгласа недоверба, со цел, според неа, истиот да го сокрие.

Јавноста очекува одговори на овие прашања, а истрагата на надлежните институции треба да ги даде сите детали за овој случај и да лоцира одговорност, додаде Петровска.

- Реклама -