„Вакво безредие, здравствен хаос и економски очај не смее да продолжи ниту ден повеќе. Граѓаните на локалните избори ја искажаа својата желба, а тоа значи дека СДСМ и ДУИ треба да заминат во опозиција“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во дебатната емисија „Топ тема“ на ТВ „Телма“, додавајќи дека е уверен во тоа дека ќе ја развласти власта предводена од Зоран Заев.
„Јас кажав дека заедно со сите политички партии кои што се против овој режим, ќе го развластиме Зоран Заев. СДСМ и ДУИ на овие избори се апсолутни губитници, а тоа само говори за гневот на граѓаните кои што го чувствуваат кон оваа власт, поради сите губитнички политики изминатите години. Развластувањето на оваа власт не е желба на Христијан Мицкоски, туку насушна потреба за земјата да почне да се развива и да заврши еднаш засекогаш со криминалот и корупцијата. Република Македонија мора да стане земја на прогрес и унапредувања, наместо уназадување и кражби”, рече Мицкоски.
Според него, СДСМ и ДУИ не сакаат да поверуваат во дебаклот кој го доживејаа на овие локални избори бидејќи не биле не биле подготвени за брзо напуштање на власта, но за нивна жал, вели Мицкоски, ќе мораат.
„Граѓаните избраа и нивната волја ќе мора да се почитува. Оваа власт на Заев и Ахмети прво ќе биде развластена, а потоа ќе одговара за сите лоши политики изминатите години. Правдата еднаш ќе мора да заживее во државата, а со тоа и да се вратат вистинските принципи и вредности по кои ќе функционира општеството. Владата која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира ќе работи исклучиво на подобрување на економијата, здравството и сѐ она кое што оваа моментална расипничка власт го клекна на колена“, порача Мицкоски.