Министерството за здравство реагира на соопштението на Конфедерацијата на синдикати во кое се тврди дека мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести се „присилна вакцинација“.
„Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно, доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат, не се присилени да го направат тоа. Истите мерки кои ги предлагаме се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и Грција, каде одамна се во сила. Во услови кога се заканува нов силен ковид-бран, должност на Министерството и Комисијата е да предлагаат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати како за намалување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население“, истакнуваат од Министерството за здравство.
Од Министерството велат дека протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така спротивно на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции.
„Апелираме на одговорност на сите граѓани и чинители во општеството со цел заеднички да ги надминеме сите предизвици со пандемијата која за жал, сè уште коси во светот. Бараме поддршка за мерките кои се во интерес на јавното здравје и заштита на здравствениот систем кој трпи огромен притисок пред сè од лица кои не се вакцинирани, а имаат потреба од болничко лекување“, подвлекуваат од Министерството за здравство.
МИА