Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) – Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) не се согласува со најновите мерки што денеска ги предложи Комисијата за заразни болести, а се однесуваат на вработените во јавниот сектор.
„Како синдикат сметаме дека неприфатливо е да се наруши слободниот избор на работници по однос на прашањето за имунизација од Ковид 19. Мнозинството од работници се веќе вакцинирани, но постои и дел од вработените кои решиле да не се вакцинираат поради лични или здравствени причини и синдикатот силно го почитува нивниот избор. Како КСОМ ја поздравивме кампањата и едукацијата на работниците по однос на вакцинацијата, но на крајот секој поединец сам носи одлука за сопственото тело“, се вели во реакцијата.
Според КСОМ, задолжителната вакцинација е неуставна и доколку се спроведе, најавуваат синдикални протести и покренување на иницијатива пред Уставниот суд.
Комисијата за заразни болести денеска предложи нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина или негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок. Исто така ќе може да се приложи и потврда за прележан Ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека лицето не може да прими вакцина поради ретки имунолошки состојби. Препорака е овие мерки да ги почитува и приватниот сектор. Задолжителна вакцинација се препорачува и за сите здравствени работници.