Чинот на оставка на премиерот е висок демократски чин, истакна вицепремиерот за економски прашања – Фатмир Битиќи, во гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Тој истакна дека навистина ја цени одлуката на Заев за оставка, но исто така, подвлече, високо го цени и чинот на одложување на неговата оставка до, како што рече, одреден период додека не се стабилизираат и не започнат процесите во партијата.
Битиќи оцени дека во, како што рече, нормални земји, во ваква ситуација едноставно би се преиспитале зошто работите не оделе како што треба и би направиле нов состав на Владата или во раководството на партијата. Но кај нас, смета тој, целата ситуација се сфаќа предраматично.
Во секој случај, Битиќи смета дека без оглед дали ќе бидат сменети двајца, тројца или повеќе министри, во новата влада – која тој ја нарече „Заев #3“ – актуелниот премиер ќе остане на својата одлука за повлекување, иако, истакнува вицепремиерот, тој во овој момент е и повеќе од потребен.
„Јас сметам дека не е на штета на владеењето ако има промени на ресори и промена на кадри. Се вели дека секој нов кадар носи нови знаења, нова енергија и друг пристап кон решавање на проблемите“, рече Битиќи.