„Мирен, со чиста совест и сигурен дека нема поголема доблест да избереш својата земја да ја водиш на патот на заедништвото, патот на НАТО и ЕУ. Во интерес на својата земја самоволно се засолнив на денот на гласање доверба на владата со цел земјата да не замине по патот на назад“, изјави денеска претеникот Кастриот Реџепи.
Реџепи, на прес-конференција со Собранието, им честита на сите граѓани за тоа што, како што рече, земјата уште еднаш го избрала вистинскиот, западниот пат по кој оди.
„За да нема било какви сомнежи, јас Кастриот Реџепи, сојузник на своите граѓани, и на Албанците и на Македонците и на сите други кои имаат поглед напред, стратешки сојузник на САД, во интерес на мојата земја Република Северна Македонија и во интерес на сопствениот народ, самоволно и одлучно се засолнив на денот на гласањето на доверба на владата, со цел да не дозволам на бранот на резултатите од локалните избори земјата да ни отиде по правец кој е спротивен на моите идеолошки убедувања и спротивен од она што е стратешка насока, која ни ја задале граѓаните“, изјави Реџепи.
Не е лесно, нагласи Реџепи, да имаш суштински разлики во ставовите со своите сопартијци.
„Но, кога твоите сојузници од Вашингтон и Брисел ти велат дека Северна Македонија има неповторлива шанса да ја започне својата нова европска приказна, тогаш и срцето и умот велат ‘да, Кастриот, некогаш некој мора да биде тој што ќе пресече во корист на иднината, овојпат тоа си ти’ “, изјави Реџепи.
Тој изрази надеж дека во деновите пред нас разумот ќе надладее и ќе се работи на решавање на проблемите на народот.
„Верувам дека се можни мостови меѓу нас, различните од демократскиот блок и јас ќе се обидам да бидам еден од тие мостови. Сега за земјата е најважно смирување, стабилизација, фокусирање на решавање на проблемите на нашио народ, на пандемијата, на енергетската криза и секако почеток на преговорите со ЕУ. Не нови избори, не нов застој, не нови поделби, туку стабилно мнозинство и брза реконструкција на владата и многу, многу работа“, изјави Реџепи.
Прашан зошто не можел да дојде во Собранието на гласањето на доверба на владата, Реџепи, рече дека првично мислел да присуствува на собраниската седница и да земе збор и да гласа против, но дека се уште не сме скандинавска земја и демократија.
„Но, проценувајќи ја целата состојба, со тоа што се знаеше дека немаше да присуствуваат пратеници од мнозинството ќе бев, единствениот пратеник внатре, кој требаше да гласа против нешто, против една еуфорија, која се одвиваше брзо како на филмска лента, јас не бев сигурен за мојата сигурност, интегритет, па и етика, дека немаше да бидам цел на вербални напади, па и да не зборам на физички“, изјави Реџепи.
Во однос на својата безбедност, Реџепи рече дека во текот на денот додека му биле исклучени телефоните добивал пораки, кои се пријавени во институциите, и по проценка, а не на негово барање добил обезбедување.
„Пораките се пријавени. Не можам да ви кажам име и презиме, бидејќи е процедура и не сакам да наштетам на процесот. Се консултирав како треба да постапам и постапував по нив, зборувам за пораки со закани по живот, да не зборувам за други пораки и притисоци“, изјави Реџепи.
Одговарајќи на новинарско прашање, Реџепи рече дека немал средба со холандскиот премиер Марк Руте, за време на неговата посета на земјава.
МИА