Митрески: Парламентарното мнозинство ќе расте, виновен за случувањата е Мицкоски

Координаторот на пратеничката група на СДСМ – Јован Митрески, попладнево изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека ќе расте и дека тоа било единствениот дел со кој се согласува од изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

„Сѐ она што денеска се случува во Собранието е резултат на лагите на докажаниот губитник Христијан Мицкоски. Токму Мицкоски ја излажа јавноста дека има 61 глас за ново мнозинство во Собранието и гласање недоверба на Владата. За овој негов неуспех, Мицкоски да не бара алиби и да не ја префрла одговорноста кај било кој. Само тој си е виновен и може на себе да си се лути, да му се гади и слично“, рече Митрески на прес-конференција во Собранието.

„Само за власт и за ништо друго, тој (Мицкоски) седна на иста маса со анти-НАТО и анти-ЕУ структури, партии кои се против концептот Едно општество за сите. Кај нив нема приниципи, нема политики, нема никаква понуда за граѓаните, за државата.

Со денови секојдневно еуфорично Мицкоски ‘пумпаше’ невистини дека има 61 пратеник за недоверба на Владата. Дури излезе и со ултиматуми. Затоа, народот е излажан од лицето Христијан Мицкоски. Нема ново мнозинство во Собранието. Затоа, наместо да шири невистини, Мицкоски треба да се засрами, да излезе и да ѝ се извини на јавноста, да им се извини на граѓаните и да понесе одговорност“, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ, додавајќи дека заедно со граѓаните, здружени и обединети, ќе продолжат по европскиот пат кој носи правда и економски напредок.

На новинарско прашање, тој повтори дека парламентарното мнозинство ќе расте, а повеќе детали сугерираше дека ќе бидат соопштени утре. И на дополнително прашање дали имаат гаранција дека ќе расте мнозинството, тој рече дека треба да се остави да течат случувањата сами по себе, а вети дека јавноста ќе биде навреме известена.

За пратеникот Кастриот Реџепи, кој во тие моменти сѐ уште го немаше објавено видеото, рече дека според информациите со кои располага, притисок врз него вршела опозицијата, а не власта.

„Имам обратни информации од она што го споделува опозицијата, а тоа значи дека притисоците кон него се токму од нив. Очекувам Кастриот Реџепи во следниот период да излезе и точно да каже што е она што му се случувало во овој период. И знам дека Реџепи, како човек којшто го познавам како колега во Собранието, е пратеник којшто не може да биде против туку е за европскиот пат и за евроатлантската иднина на нашата држава“, рече Митрески.

На новинарско прашање, тој додаде дека лично немал контакт со Реџепи.

- Реклама -