Касами: Сѐ додека не искомуницирам со Реџепи имам право да се сомневам дека е некаде држен против своја волја

Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сѐ за да остнане на овие позиции“, изјави лидерот на Беса – Биљал Касами.

Тој имплицираше дека е можно Реџепи да е спречен против своја волја да гласа на седницата.

„Сѐ додека јас немам јасна слика и глас од пратеникот за неговиот став, јас се сомневам дека тој против својата волја го има декларирано тоа што го има декларирано и не може да дојде во Собрание и да се искаже за својата политичка позиција“, рече Касами.

„Денеска го немам контактирано, немам информации каде се наоѓа. Вчера беше мојата последна информација и според целиот амбиент тој беше во рамките на позициите кои ги имавме како политичка партија“, додаде лидерот на Беса прашан дали денеска имал комуникација со Реџепи.

Прашан дали алудира на тоа дека Реџепи е држен некаде со сила, Касами истакна дека сѐ додека нема лична комуникација со него, има право да се сомнева во тоа:

„Сѐ додека тој не излезе да каже дека овој став е негов и тоа е доброволно, дека нема некаква присилба, јас како човек и како претседател на Беса имам право да се сомневам дека тој против својата волја е држен некаде и не може да дојде во Собрание и да излезе пред јавноста да каже дека тоа е негов доброволен став“, рече тој.

„Во моментот за нас е многу важно здравјето на пратеникот, да имаме комуникација, за потоа да разговараме за другите опции“, истакна Касами прашан дали преговараат со други пратеници.

Касами, претходно, подвлече дека Беса останува на ставот за пад на, како што рече, овој „режим“.

- Реклама -