Реџепи: Апасиев се обидува да го камуфлира антиалбанизмот како анти-ДУИ, попрво ќе ја напуштам партијата

ФОТО: ТВ21

Пратеникот на Алтернатива – Скендер Реџепи-Зејд, синоќа изјави дека доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата.

Во синоќешната емисија „Клик плус“ на ТВ21, каде се разговараше за последните политички случувања, истакна дека во тој случај тој најверојатно ќе го напушти и пратеничкиот мандат.

„Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам, (Алтернатива) утре или задутре се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат“, рече Реџепи.

Во врска со Фејсбук статусот на лидерот на Левица – Димитар Апасиев, во кој тој го повикува албанскиот блок да гласа против ДУИ, пратеникот на Алтернатива вели дека Апасиев се обидува да го камуфлира антиалбанизмот како анти-ДУИ.

Тој исто така истакна дека ВМРО-ДПМНЕ „ги добило изборите на нивен грб бидејќи се претставиле како едно поинакво ВМРО“. Од друга страна, вели Реџепи, Алтернатива ги изгубиле изборите баш поради оваа коалиција.

„Треба да се разгледаат резултатите од изборите на кои се изгубија 27 илјади гласови поради коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој.

Извор: МИА

- Реклама -