Спано за пресудите за Софија: Секоја членка на СЕ е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот

Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) – Општото начело е сосема јасно е секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата.

Ова го денеска на прес-конференција го изјави претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано во одговор на прашањето на МИА за неспроведувањето на 16-те пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство, како и изјавата на заменик помошникот на државниот секретра на САД Габриел Ескобар дека амбасадорката на САД во Софија со европските партнери работи на решавање на овие проблеми.

– Прашањето што го поставувате е прашање што се однесува на спроведувањето и извршувањето на судските одлуки и важно е да се потсетиме дека постои јасна разлика меѓу улогата на Судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа кој го надзира спроведувањето. Претседателот на Судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата, подвлече Спано.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Таа обврска, додаде тој е недвојбена и јасна.

– Тоа е општата изјава што би сакал да ја дадам по тоа прашање, меѓутоа не е моја улога јас да дадам коментар за конкретни поединечни чувствителни прашања меѓу две земји во однос на спроведувањето и одредени видови пресуди, оцени Спано на заедничката прес-конференција во Скопје со министерот за правда Бојан Маричиќ.

Спано исто така додаде дека кога се работи за спроведување и извршување одлуки на Судот, одговорноста на министерскиот совет е да го следи процесот.

– Во таа смисла многу е јасно дека општата легитимност е авторитетот на системот и причината за неговото постоење е кога Судот за човекови права во Стразбур ќе изрече обврзувачка пресуда на поединечна земја-членка. Таа земја-членка со тоа што е потписничка на Конвенцијата има направено еден избор дека ќе се смета за обврзана, тоа е логичкиот тек, меѓутоа како се одвиваат работите во секој конкретен случај треба министерскиот совет да ги обезбеди, а не Судот, посочи претседателот на Европскиот суд за човекови права Спано на прес-конференцијата во Скопје.

Прес-конференцијата на министерот за правда Маричиќ, претседателот на Европскиот суд за човекови права Спано и програмскиот директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот, Билјана Брајтвејт претходеше пред почетокот на регионална конференција на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“.

- Реклама -