Копенхаген, 3 ноември 2021 (МИА) – Зголеменото влијание на Кина ги нарушува односите на моќта ширум светот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, за време на посетата на Копенхаген.
„Глобалната рамнотежа на силите се менува бидејќи Кина станува поголема и посилна воена сила“, рече поранешниот норвешки премиер Столтенберг на средбата со данската премиерка Мете Фредериксен.
„Кина е сè поблиску до нас. Ги гледаме во кибер просторот, ги гледаме во вселената, ги гледаме во Африка и ги гледаме на Арктикот. И гледаме како Кина се обидува да ја контролира критичната инфраструктура овде во Европа“, додаде тој.
Сето ова имаше безбедносни импликации, рече Столтенберг.
Севернтоатлантската алијанса во јуни значително го зацврсти својот колективен став кон Кина, истакнувајќи дека однесувањето на Пекинг претставува „системски предизвик за меѓународниот поредок заснован на правила“.
Традиционалниот противник на трансатлантската одбранбена алијанса е Русија, но американскиот претседател Џо Бајден напорно се залагаше сојузниците од НАТО повнимателно да го следат Пекинг, пишува ДПА.
Столтенберг денеска повтори дека односите со Москва се на ниска точка, велејќи дека работите не биле толку тешки од крајот на Студената војна.