Шилегов го демантира Апасиев: Мојот син нема сопственост на деловен простор во новоотворениот Ист Гејт

Градоначалникот на Скопје и кандидат за нов мандат – Петре Шилегов, демантира дека неговиот син има деловен простор во новиот мол „Ист гејт“. Тој го обвини лидерот на Левица – Димитар Апасиев, дека пласира лажни вести.

„Лузерите Шилегов и Заев го токмеле и форсирале отворањето на Ист Гејт, да биде баш пред вториот изборен круг – за да прокнижат некое поенче, ко божемски, демек еве ние ‘инвестираме’.

И сѐ тоа ќе си беше ОК, да не ја дознавме веста дека синот на скопскиот Крадоначалник во заминување, на свои 20-на години, поседува дури 350 квадрати екстра луксузен деловен објект, баш у тој нов мол!?

Случајно, нели? Додека вие немате да им дадете на вашите деца 100 денара за на голем одмор, нивните се милионери уште неиспилени!

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Имајте го ова на ум во недела, кога ќе ги куткаме од власт овие корумпирани хоштаплери“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Шилегов, меѓутоа, е категоричен дека неговиот син не поседува деловен простор во новоотворениот East gate.

„За разлика од противкандидатката, јас веднаш отворено и експлицитно демантирам. Лажните вести нема да ви пројдат на овие избори. Како што веќе покажа, ‘привезокот’ дообработува за газдата.

Скопјани не се наивни луѓе. Џабе ги потценувате. Мојот син нема сопственост на деловен простор во новоотворениот East gate“, врати Шилегов на Фејсбук.

„П.С. Вашата омраза кон сѐ што живее, нема да ја победи мојата љубов кон Скопје и скопјани!“, додаде тој.

- Реклама -