Во Бугарија сепак постои лична карта со таков број и датум на раѓање и постои Даниела Арсовска со матичен број како објавениот од СДСМ

Софискиот „24 часа“, по проверка на веб-сајтот на бугарското МВР, заклучи дека не постои лична карта со бројот на копијата што ја објави СДСМ, а која наводно бугарските власти ѝ ја издале на противкандидатката на Петре Шилегов во вториот изборен круг – Данела Арсовска.

Повеќе македонски медиуми, меѓутоа, при своите проверки, (оправдано) дојдоа до спротивниот заклучок. Како што можете да проверите и самите, лична карта со број 646948927, а со датум на раѓање 20 декември 1979 година, сепак постои во системот на бугарското МВР. Ако внимателно се прочита текстот на „24 часа“, меѓутоа, ќе се види дека тие пребарувале број на лична карта што има една цифра повеќе 646948927[9], и во тој случај сајтот на бугарското МВР навистина покажува дека таков документ не постои.

Забуната веројатно лежи и во самата фотографија од што ја објави СДСМ, каде на предната и главна страна бројот на документот е 646948927, но на задната страна стои и дополнителна цифра 9. Токму тој број, на задната страна, е бројот што „24 часа“ го користи во својата проверка, поради што и системот не наоѓа таков документ.

Документот што го објави СДСМ

Покрај сајтот на бугарското МВР околу самата лична карта, „360 степени“ го провери и избирачкиот список во Бугарија, преку интернет-страницата на бугарската Главна дирекција „Граѓанска регистрација и админстративен сервис“ (Главна дирекция „Гражданска регистрация и административно обслужване“), која овозможува пребарување по матичен број. Таму се внесува матичниот број (кој слично како во земјава го содржи датумот на раѓање, но по обратен редослед; во случајов е 1979 година 12 месец, 20 ден, е 7912200192) и името (во случајов Даниела). Таквата проверка покажува дека лицето со тој матичен број се вика Даниела Арсовска и на претстојните претседателски и парламентарни избори во Бугарија може да гласа во СУ „Никола Вапцаров“ во Петрич, во округот Благоевград.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон
Принстскин/360 степени

Оттука, неспорно е дека дел од податоците што ги објави СДСМ се валидни, односно дека во Бугарија е издадена лична карта со број 646948927 и датум на раѓање 20 декември 1979 година, како и дека матичниот број 7912200192 е на лице со име Даниела Арсовска која гласа во Петрич.

Сепак, како што посочува „360 степени“ она што не може да се провери од бугарскиот избирачки список или базата на тамошното МВР се: фотографијата на личната карта, дали Даниела Арсовска е висока 165 сантиметри, дали има зелени очи и дали е родена во Македонија (целата анализа на „360 степени“ – ТУКА).

- Реклама -