Мицкоски: Ќе имаме искрен однос кон соседите, како тие нам, така ние ним

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон соседите, но со целосно право да ги заштитиме интересите важни за Македонија. Тоа го кажувам јасно и отворено, кажувам отворен став за соработка и почитување, но и одбрана на она во што веруваме, а тоа е реципроцитет. Како тие нам, така ние ним“, порача вчера од Охрид лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

Во овој контекст, за односите со Бугарија, тој потсети на резолуцијата за националните црвени линии која македонскиот парламент летово ја усвои на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски подвлече и дека пред пет години овој спор, со Бугарија, воопшто не постоеше.

Прочитајте и:  Мицкоски: За македонската економија оваа зима има два предизвика

„Потребно е да се издигнеме над облаците на измамите и пазарењата кои ни ги носи Владата со нашите соседи. И во тој контекст немаме право да се лутиме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси. Она што навистина боли е што нашата Македонија ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат сѐ, да се пазарат со сѐ. Не е во прашање недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската Влада“, истакна Мицкоски.

Односите со соседите, рече Мицкоски, ќе ги базира на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградува низ полињата на взаемен интерес на народите.

Извор: МИА

- Реклама -