Герасимовски: Двојно помалку трошоци за градинка и оброк на училиште за родителите во Центар

Горан Герасимовски – кандидатот за градоначалник на општина Центар на СДСМ и Коалицијата, денеска го претстави социјалниот пакет за своите граѓани. Тој во денешната изјава порача дека како локална власт ќе обезбедат услуги за поддршка на семејствата од најмладите до највозрасните членови.

Герасимовски најави субвенционирање од 50% на месечните трошоци за згрижување деца во градинка и оброк кај учениците од основните училишта во општина Центар, како и финансиска помош за младите.

„За младите планираме субвенционирање на еколошки превоз, но и грантови за отворање мали бизниси како поддршка за самовработување. Планираме и финансиска поддршка за младински организации за спроведување на проекти важни за општината. Сегашните 60 ученички стипендии кои годишно ги доделува општината планираме да ги зголемиме и да доделиме стипендии за ученици од семејства во социјален ризик и еднородителски семејства. Овие стипендии се особено важни затоа што така ќе создадеме еднаква шанса сите млади да можат да го остварат својот целосен потенцијал, без оглед на својата материјална положба“, изјави Герасимовски.

Прочитајте и:  Герасимовски: Вандализмот да се казнува преку општествено корисна работа

Како што најави тој, од буџетот на општина Центар во следниот период ќе се издвојува 0.1% за младите и ќе се отвори социјален фонд за помош на граѓаните во исклучителни случаи, како пожар или поплави.

„Општина Центар ќе води сметка за сите свои граѓани, затоа што тоа е вистинскиот начин општината да стане модерна и подобра за сите свои граѓани“, порача кандидатот на СДСМ и Коалицијата.

- Реклама -