Вархеји е против одвојување на Македонија и Албанија на потот до ЕУ

Еврокомесарот за проширување – Оливер Вархеји, изјави дека работи на тоа до декември да се одржи првата Меѓувладина конференција со земјава, заедно со Албанија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

На прашање од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, дали прифаќа одвојување на Северна Македонија и Албанија за почетокот на преговорите за членство, еврокомесарот одговори негативно.

„Мислам дека е јасно дека двете земји ги исполнија условите и сакаме договор за двете земји, тоа е ставот на повеќе од мнозинството земји членки на ЕУ, во овој момент можеме и треба да ги разгледуваме заедно“, изјави еврокомесарот Вархеји.

Вархеји пред неколку месеци ја спомена можноста само Албанија да добие зелено светло за првата Меѓувладина конференција, но предлогот беше експресно отфрлен од земјите членки на ЕУ. Денеска тој порача дека зеленото светло за Скопје и Тирана треба да се добие најдоцна до декември, но потсети дека одлуката им припаѓа на земјите-членки на ЕУ.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Не сум тој што гласа за ова, јас сум тој што се обидува да ги убеди да гласаат за ова, толку можам да споделам со вас. Но ќе продолжам да се ангажирам, како што знае и европратеникот Андреј Ковачев, кој беше еден вид таен помошник во унапредувањето на работите. Не сакам да дадам детали, но работиме“, изјави Вархеји.

Неколку минути пред оваа изјава, бугарскиот европратеник Ковачев ги повика европратениците да не говорат за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија како билатерален спор.

„Ова е спор за човекови права, Бугарите во Северна Македонија се плашат да кажат кои се. Ова не е луда националистичка тема туку тема за основни човекови права како што стои во резолуциите на Европскиот парламент во последните десет години“, оцени Ковачев.

Вархеји не ја коментираше оваа изјава.

Извор: МИА

- Реклама -