Димитриевски прогласи победа на Давид против Голијат, Илиевски и Мургашанска порачаа дека „Едно општество за сите“ е единствената искрена понуда за Куманово

Граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ ги победи политичките субјекти во Куманово, рече на денешната прес-конференција независниот кандидат за градоначалник – Максим Димитриевски. Тој се заблагодари на граѓаните за поддршката која вчера ја доби од кумановци и им порача и во вториот круг да го поддржат. Димитриевски додаде дека ќе продолжат со борбата за Куманово да стане поубаво место за живеење.

„Оваа беше борба на Давид и Голијат, во која граѓанскиот концепт ги победи сите политички субјекти и партиите, успеа да отпочне со демонтажа на еден веќе монтиран систем којшто прави груба злоупотреба на системот во партиско-политички цели. Кумановци и ние тоа не го игнориравме и заедно успеавме“, оцени тој, најавувајќи дека и во наредните денови ќе ја побараат поддршката од граѓаните.

Одговарајќи на новинарски прашања, Димитриевски информираше и дека поднел претставки до меѓународните мисии и набљудувачи, но не и во МВР, бидејќи, како што посочи, не ѝ верува на институцијата и не успеал да обезбеди докази. Тој обвини за делење помош, агитирање и уцени, но и оцени дека граѓаните го препознале и ќе го казнат таквото однесување и на 31 октомври.

Како што соопшти носителката на листата на иницијативата „За Наше Куманово“ – Ивана Ѓорѓиевска, заблагодарувајќи им се на граѓаните за поддршката, тие освоиле осум советнички места.

За поддршката на граѓаните им се заблагодарија и кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за Куманово – Оливер Илиевски, и носителката на листата – Атина Мургашанска. На прес-конференција и тие побараа поддршка во вториот круг, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за Илиевски.

„Сакаме да потврдиме дека СДСМ и коалицијата докажаа дека се победник на изборите во Куманово. Вчера кажав дека разликата помеѓу мене и противникот во вториот круг ќе биде помеѓу 40 и 60 гласа за едниот или другиот. Видовме дека некој манипулира со граѓаните – имаше прослава на градскиот плоштад ама по пристигнување на резултатите од Државната изборна комисија се виде дека разликата помеѓу мене и Димитриевски е 20 гласа“, рече Илиевски.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Тој истакна дека ги очекува гласовите на ЛДП и ДОМ, на ДУИ, БЕСА и ДПА, и изрази уверување дека ќе победи во вториот круг. Ги повика граѓаните да не потпаѓаат на, како што рече, манипулациите, а за Димитриевски, неговиот политички опонент, оцени дека не покажал капацитет за решение за проекти ниту во изминатите четири години, а нема средства ниту за решавање нови проекти. Илиевски тврди и дека нивната кампања била позитивна, додека на Димитриевски била негативна.

„Видовме поткуп на гласачи, слушнавме сите во Куманово… има други работи кои ги знаеме но не сме ги презентирале јавно, ама во следните 12 дена сите граѓани на Куманово ќе ја знаат вистината. Знаеме за сите калкулации кои ги правеле и ВМРО ДПМНЕ и Димитриевски и сите ќе бидат објавни во наредниот период“, рече кандидатот на СДСМ.

Носителката на листата, Мургашанска, соопшти дека освоиле најмалку 10 советнички места, но додаде дека ќе го почекаат официјалниот извештај. На граѓаните им порача дека само едни се вистинските демократи:

„Не верувајте на лажните левичари. Има само едни социјалдемократи, една и единствена искрена понуда – концептот ‘Едно општество за сите’. Во меѓувреме, тие кои лажно се претставуваат ќе бидат демаскирани докрај, ќе бидат извадени на светлина тајните договори со денсичарските партии и нивната лажна опција дека се носители на прогресивниот концепт ќе паднат во вода“, рече Мургашанска.

- Реклама -