Мицкоски: Победа во 20-тина општини, можно е наскоро да имаме и парламентарно мнозинство

ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа во 20-тина општини, а други влегува во вториот круг. Се чекаат резултатите за скопските општини Аеродром и Кисела Вода каде, според аналитичкиот центар на партијата, нивните кандидати се во водство.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција изјави дека очекуваат разликата на советничките листи да биде повеќе од 50 илјади гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ. За Градот Скопје, како што рече, води независната кандидатка која тие ја поддржаа.

– Во повеќе од 50 општини очекуваме да го имаме мнозинство во Советот, вклучително и победа на градската листа во Скопје. Во првиот круг имаме повеќе од 20 градоначалници. Мислам дека е бројката со тоа што чекаме да се потврдат Кисела Вода и Аеродром, 20 општини сме првопласирани и во другите влегуваме во вториот круг со огромна можност за да победиме во вториот круг. Разликата на советничките листи очекуваме да биде повеќе од 50 илјади гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, рече Мицкоски.

Според податоците на аналитичкиот центар на партијата, во првиот круг победиле кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во Сопиште, Бутел, Гази баба, Виница, Зрновце, Петровец, Илинден, Штип, Карбинци, Свети Николе, Велес, Градско, Босилово, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Могила, Новаци и Јегуновце.

Очекуваат во првиот круг да се заврши трката и во Аеродром и Кисела Вода каде, како што рече Мицкоски, нивните кандидати имаат огромно водство. Блиску до победа во првиот круг се и кандидатите за градоначалник на Гевгелија и Битола.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Изградбата на когенеративната централа значително ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди здрава животна средина

Во вториот круг влегуваат кандидатите за Македонски Брод, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Пехчево, Македонска Каменица, Кочани, Зелениково, Чешиново-Облешево, Лозово, Пробиштип, Кратово, ранковце, Радовиш, Конче, Ново Село, Василево, Демир Капија, Росоман, Ресен, Вевчани, Маврово-Ростуше, Демир Хисар, Брвеница.

– Ова е огромна победа на народот на Македонија, победа на гласот на обесправените, на тивкото мнозинство. Победи народот и покрај сите нерегуларности, притисоци, поткупи, изјави Мицкоски, додавајќи дека денешните резултати се првиот голем чекор до финалната победа. Ова е победа, но и одговорност. Нема да ве изневериме. Се што зборував во оваа кампања паметам добро и ќе го направиме заеднички, рече Мицкоски.

Му честиташе на Арбен Таравари за победата во Гостивар, а најави поддршка за кандидатот за градоначалник на Алијанса за Албанците/Алтернатива за Чаир. Прашан дали ќе дадат поддршка на кандидатот од БЕСА за Тетово, Билал Касами, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе размислат во периодот којшто следи.

– Касами имаше изјава во која што кажа дека е подготвен да соработува со сите политички партии само не со ВМРО-ДПМНЕ. Не знам дали му треба поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, треба тој јавно да каже дали му треба или не му треба. Ќе размислуваме во периодот па потоа можеме да дадеме конкретен одговор на тоа прашање, рече Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски рече дека раководството на партијата ќе разговара дали ќе побара предвремени парламнатрни избори, но нагласи дека е можно наскоро да имаат и парламентарно мнозинство.

Извор: МИА

- Реклама -