Женева, 13 октомври 2021 (МИА) – Запрена е постапката за итно одобрување за употреба на руската вакцина Спутник В, соопшти денеска Светската здравствена организација. Постапката е запрена бидејќи недостасуваат одреден број податоци и усогласеност на правните процедури.
„Речиси секојдневно работиме со руското Министерство за здравство на решавање на преостанатите прашања кои треба да ги достави Рускиот фонд за директни инвестиции“, соопшти Маријанѓела Симао, помошничка на генералниот директор на СЗО, задолжена за пристап до лекови и здравствени производи. Таа изрази надеж дека постојните недостатоци наскоро ќе бидат отстранети.
Симао потврди дека СЗО повторно ќе го отвори случајот, ќе ги процени доставените податоци и ќе ги продолжи инспекциите на производствените капацитети во Русија дури и ако досието биде „се уште нецелосно“.
„Сите поднесоци што ги имаме се обработуваат на ист начин“, рече таа, но не го наведе крајниот рок кога може да заврши процесот за одобрување на руската вакцина за внесување на листата на дозволени за употреба вакцини против ковид.