Скопје, 14 октомври 2021 (МИА) – Откако македонските организации во Бугарија издадоа Декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија, денеска организациите на Бугарите во земјава упатиле апел до бугарските политички лидери со барање за „заштита на нивните права“.
Премиерот Зоран Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со Декларацијата на македонските организации рече дека сите правата треба да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, напоменувајќи дека не е европски, ниту добрососедски и пријателски, ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас.
„Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија“, стои во Декларацијата на македонските здруженија во Бугарија.
Тие од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот, така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму, бараат Бугарија да запре да ја уценува земјава и да ја деблокира нејзината евроинтеграција.
Организациите на Бугарите во земјава, пак, во апелот, како што јави дописникот на МИА од Софија, изразуваат, како што велат, „поддршка за јасниот принципиелен став на Бугарија дека Република Северна Македонија може да започне преговори за членство во ЕУ само откако ќе ги реши прашањата за еднаквоста, јазикот, традициите, историјата, спомениците и сѐ друго поврзано со идентитетот на Бугарите во земјата“.
Во документот, што го пренесуваат денеска дел од бугарските медиуми, тие наведуваат дека бараат само „елементарни работи“.
„Нашите деца да може да се нарекуваат Бугари, а ние, како и сите други граѓани на Република на Северна Македонија, да можеме да работиме целосно и рамноправно за нашата земја и за нејзиниот економски, политички и социјален подем“, се додава во писмото потпишано од организации на Бугарите во земјава. Според нив, во земја „доминира јазикот на омраза кон сѐ што е бугарско“.
„Ние треба да го правиме она што го прават сите други земји, секогаш кога се јавуваат граѓани во други земји, а тоа е апелирање за почитување на меѓународните договори за сите и секогаш правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас“, одговори вчера Заев.
Тој додаде дека и нашиот Устав вели дека земјава не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји. Тоа, нагласи тој, го кажува и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка каде исто така е преземена обврска за немешање во внатрешните работи на Бугарија.
Заев истакна дека и барањето од Бугарија за вметнување на бугарската етничка група во нашиот устав не го доживува како мешање во нашите внатрешни работи. Тоа, рече тој, е право на секоја земја да побара, како што е наше право да одлучиме дали ќе го направиме тоа.
„Исто така, право на Бугарија е, како што е наше право овде, дали ќе излезе во пресрет на Декларацијата која што ја објавуваат тамошни граѓани, граѓани на Република Бугарија за одредени свои ставови или сугестии. Ако навистина сакаме да бидеме Европејци, треба на европски начин да ги разгледуваме работите. Ако сакаме да се вратиме кон она дека ни сме центарот на светот и се се врти околу нас и ние сме најважните на свет, притоа не почитувајќи ги сите соседи, остатокот од светот, тоа е друго прашање“, рече Заев.