Теута Арифи: „Тетово е првиот албански град во Северна Македонија предводен од жена“

„Тетово е првиот албански град во Северна Македонија кој доби жена за градоначалник. Ова е достигнување со кое можеме да бидеме горди и тоа е референтна точка за родовата еднаквост и за модерното општество во нашата земја“, истакна градоначалничката на Тетово – Теута Арифи, во обраќањето на денешната трибина на тема „Еднаквост: Еднакви права, за еднакви можности“.

„Нашата цел е во следните четири години да го зголемиме односот на лидерските позиции на 50:50. Со изградба на дневни установи низ градот, ние веќе успешно ги поддржавме жените да го комбинираат семејството со професијата. Ќе продолжиме да го правиме тоа успешно и ќе нудиме сѐ повеќе флексибилни можности“, додаде Арифи.

Таа посочи дека во иднина ќе се обиде на локално ниво да ги зголеми можностите за нови работени места кај жените.

Прочитајте и:  Зајкова: Америка лансира сонди и бара живот на месечините на Јупитер, ние уште се занимаваме со меѓуетнички прашања

„За да ја зголемиме стапката на вработеност на жените во руралните области, ќе обезбедиме специјални програми за обука и образование за да обезбедиме можности за кариера во јавниот и приватниот сектор. Заедно со нашите училишта, универзитети и економија, ќе создадеме специјална програма за мотивирање на младите девојки и жени за техничко образование и кариера“, потенцираше градоначалничката.

Таа подвлече и дека важни се напорите за заштита на жените од семејно насилство, а како планирани инструменти  најави анонимна телефонска линија за помош и изградба на „безбедна куќа“ за жените во Тетово.

via Слободен печат

- Реклама -