Синот на Муса Џафери се соочува со казна затвор до 3 години за напад врз претседателот на РКЕ – Марко Бислимоски (ВИДЕО)

Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ – Муса Џафери, но и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, доцна синоќа физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) – Марко Бислимоски. Настанот се случил во кафеана во Дебар Маало, објави денеска „Дојче веле“, споделувајќи и видео од настанот.

„Во СВР Скопје синоќа во 23.54 часот М.Б. (45) од Скопје пријавил дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ. (28) од Скопје“, стои во билтенот на МВР.

Според изјавите на очевидци, Џафери со својата придружба седел на маса во близина на Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал претседателот на РКЕ, на што овој не возвраќал. Подоцна Џафери седнал на масата на Бислимоски со образложение дека сака да разговара со него. Најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто РКЕ започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа побарал постапката да биде запрена. Кога Бислимоски одбил, Џафери физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и потоа заедно со него заминале во непознат правец.

Причината за нападот е веројатно одлуката на РКЕ од 23 септември годинава за започнување на постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на „У Пауер“, а врз основа на пријава од МЕПСО. „У Пауер“ не само што има долг кон МЕПСО, туку и, како што алармирале од компанијата, ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит. Имено, клиенти на „У Пауер“ се неколку државни институции, како и ТЕЦ „Неготино“, за кои Фирмата на Џафери не ги обезбедила навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите. Затоа, тие набавувале струја од резервите на МЕПСО наменети за балансирање на електроенергетскиот систем, по цена далеку поевтина од онаа на светските берзи.

„Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) – Марко Бислимоски е добар, колку и да е тоа соодветен збор по инцидентот кој се случи синоќа каде тој беше нападнат во центарот на градот. Нападот е пријавен во МВР“, соопшти денеска портпаролката на РКЕ – Марина Узунов, во изјава за МИА.

Таа порача дека РКЕ нема да потклекне на притисоци и дека постапките ќе ги води согласно законот:

„Сакам да ја информирам јавноста дека како и до сега така и од сега РКЕ ќе продолжи да работи транспарентно согласно законот, затоа што основен постулат во нашето делување е заштита на потрошувачите и обезбедување на сигурност и стабилност во електро-енергетскиот систем. Единствено по што се водиме е словото на законот, така и ќе продолжиме да ги водиме постапките врз основа на силата на аргументите, а не на физичка сила“, изјави Узунов.

Осуда за нападот денеска изрази и вицепремиерот за борба против корупција – Љупчо Николовски.

„Ова е правна држава каде институциите постапуваат еднакво за сите, пред законите сме сите еднакви, а несогласувањата може да се решаваат единствено преку процедурите и институциите на системот“, напиша Николовски, потенцирајќи дека веќе се постапува по случајот.

Во меѓувреме, се огласија и од МВР, од каде велат дека случајот е расчистен. Имено, А.Џ. бил повикан на разговор и го признал делото, а против него е поднесена кривична пријава за насилство.

„Во врска со случајот кој синоќа, околу полноќ, во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ.(28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ.

Веднаш по пријавувањето на настанот преземени се соодветни мерки за расчистување, односно изготвено е писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видео снимка, извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ“, информираа од министерството.

Како што посочува „Дојче веле“, според членот 386 од Кривичниот законик, за ова кривично дело на Џафери му се заканува казна затвор од 3 месеци до 3 години.

„Тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, стои во Кривичниот законик.

- Реклама -