Мицкоски: Никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе може да биде виновен кабел

EPA-EFE/Georgi Licovski

„Како човек никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата“, напиша на Фејсбук лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, откако денеска обвинителството ги објави причините за настанување на пожарот во тетовската модуларна болница, но и откако премиерот Зоран Заев не ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик министерот – Илир Хасани.

„Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри“, пишува Мицкоски.

„Кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати? Кој дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница? Кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата? И кој друг ако не министерот, заменикот министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите?“, праша тој.

Според Мицкоски, Заев и Ахмети здружено, како што е случај според него и со тендерите, се договориле никој да не одговара.

„Како човек ми е тешко што главни теми во нашата земја се нечие отсуство на морал и чувство за одговорност, што се прашања за кои не треба да дебатираме и треба да бидат основни вредности за кои политичарите треба да ги бранат, а не да ги рушат.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Јас верувам во мојот народ. Сигурен сум и дека народот знае како да постапи и заедно да ги заштитиме вредностите во кои веруваме и да бидеме силата на промените кои сакаме да ги видиме“, порача Мицкоски.

Претходно потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, обвини дека СДСМ и ДУИ, преку обвинителството во Тетово, си нарачале извештај каков што им одговара, за да ја скријат одговорноста.

Како најодговорен тој го посочи Филипче, бидејќи под надлежност на неговото министерство се граделе модуларните болници, а притоа, како што тврди, со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени.

Според Николоски, во најмала рака смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија заради некаков кабел.

Николоски порача дека одговорноста ќе се случи по локалните избори, по кои, според него, ќе има и ново парламентарно мнозинство.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и по прес-конференцијата на која премиерот Заев соопшти дека нема да ги прифати оставките. Како што оценија од опозицијата, наместо пристојност и етика, СДСМ и ДУИ решиле да ја спасуваат коалицијата.

„Почитувана македонска јавност, тие одбраа да паднат заедно. И да Зоран Заев и Венко Филипче заедно ќе си паднат. Народот е револтиран, овој срам и брука во Македонија ќе заврши. А оние кои што се виновни ќе одговараат“, порачаа од партијата.

- Реклама -