„Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи. Од овие причини патувам за Атина и ќе ми биде особено драго да возвратам на гостопримството овде, со уште поголемо гостопримство во мојата земја“, изјави претседателот на државата – Стево Пендаровски, за грчкиот информативен портал „Њузбомб“, во пресрет на официјалната дводневна посета на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Пендаровски истакна дека посетата, на покана на неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу, „доаѓа како продолжение на низата средби на различни нивоа во последните години и е јасен доказ за зајакнатите билатерални односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа“.
Паралелно, Пендаровски ја потенцира и важноста на посетата, со оглед дека досега ниту еден претседател на државава не ја посетил Грција, ниту пак грчки претседател дошол во земјава.
„Па така, денес ја пополнуваме оваа празнина и отвораме уште еден канал на комуникација и соработка за уште поголемо приближување на двете земји и двата народи. Затоа, главната цел на оваа државна посета е да ја покажеме нашата дополнителна подготвеност за унапредување на билатералните односи во сите области од взаемен интерес, да ја реафирмираме решителната посветеност за пријателски и добрососедските односи меѓу двете земји, како и за понатамошна имплементација на Договорот од Преспа“, вели Пендаровски.
Тој посочи и дека Република Северна Македонија и Република Грција се две земји кои поминаа низ различни фази во меѓусебните односи, но „сега сме сојузници во најсилниот воен сојуз на планетата, во НАТО Алијансата, работиме посветени на зголемувањето на довербата, ги делиме истите вредности на демократијата и се де соочуваме со слични предизвици во многу области“.
„Во таков контекст, интензивирањето на контактите и проширувањето на тематскиот опсег на нашите односи е нешто повеќе од логично и, би рекол, особено неопходно. Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи“, истакна претседателот на државата.
Во рамки на дводневната посета утре и задутре, покрај со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, Пендаровски ќе оствари средба и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, како и со градоначалникот на Атина – Костас Бакојанис.