Скопје, 27 септември 2021 (МИА) – Локалните избори на 17 октомври се важни бидејќи граѓаните ќе испратат порака по кој пат треба да се движи Северна Македонија и да кажат во кој правец треба да продолжиме, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во вестите на „Сител“ ТВ.
„Според сите анализи, нашите очекувања се дека ќе имаме најмногу градоначалници, најмногу советнички места и најмногу гласови како владина коалиција. Овие избори се важни бидејќи испраќаат порака по кој пат треба да се движи Северна Македонија, граѓаните ќе кажат во кој правец треба да продолжиме“, рече Заев.
Тој додаде дека на земјава не ѝ требаат нови парламентарни избори, туку ѝ треба период во кој ќе се работи на економијата и на подобрување на стандардот, но нагласи дека доколку пораката на локалните избори е спротивна од нивните очекувања, тие се отворени за сите можности.
„По многу нешта се разликуваме од нашите политички противници. Ние сме прогресивни, ориентирани кон иднината, тие се заглавени во минатото, во минатото на Груевски, но и општо во минатото“, потенцира лидерот на СДСМ.
Заев истакна дека нивните анкети покажуваат оти коалицијата предводена од СДСМ ги избрала најдобрите кандидати за градоначалници и советници, додека тоа, според него, не го препознал кај ВМРО-ДПМНЕ.
„Некои други причини како блискост до лидерот, финансиите на кандидати и слично беа репер за тоа како се носат одлуките во ВМРО-ДПМНЕ. Ние одлучувавме за најдобрите и посветивме доста финансиски ресурси за добри анализи, бидејќи граѓаните го заслужуваат најдоброто“, рече Заев.
Според него, трета особина која ги разликува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се програмите и проектите.
„Тука сме многу различни. Секоја општина ги има стандардните проекти за решавање на проблемите со кои живее локалното население. Но, сите имаат и една група доминантни проекти кои треба на убаво да го сменат ликот на општините. Доминира зелената агенда, одржливите работни места и градењето на благопријатно место за живот на сите. Да биде доволно привлечно за сите да останат да работат и да го димензионираат квалитетно својот живот овде“, додаде Заев.
Тој нагласи дека коалицијата предводена од СДСМ ќе се фокусира на позитивна и промотивна кампања, бидејќи има што да покаже пред граѓаните со реализирани 7000 проекти во изминатите четири години.
„Не го очекувам истото и од политичките противници, бидејќи уште во предвечерието им е таков односот, со лажни вести, негативни тенденции. Не се менува ништо кај нашиот политички опонент. Тоа е сепак предност за нас, бидејќи граѓаните се фокусирани на иднината“, потенцира Заев.
Тој истакна дека синоќа при средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во Германската амбасада, си посакале позитивна кампања и си порачале да се фокусираат на позитивниот дел, бидејќи тоа ги интересира граѓаните.
Според Заев, коалицијата предводена од СДСМ е апсолутен фаворит на изборите.
„Ние потрошивме доста време и анализа на изборот на кандидатите и верувам дека го понудивме најдоброто. Програмата ја изработивме со граѓаните и тоа е наше ветување и даден збор за идните проекти“, додаде Заев.
Запрашан за предизвикот на одржување на локалните избори во време на пандемија, Заев истакна дека државава веќе има такво искуство минатата година кога се покажа дека доколку сакаме можеме да се придржуваме до сите протоколи и мерки.
„Важно е да го искористиме овој момент и да испратиме порака до нашите симпатизери и поддржувачи да внимаваат, да држат дистанца, да ги почитуваат мерките и протоколите бидејќи нема ништо поважно од здравјето на граѓаните“, потенцира Заев.