Премиерот Зоран Заев, заедно со своето семејство, денеска во својот дом во Струмица ја исполни граѓанската должност и законска обврска и ја спроведе постапката за попишување, соопштија од Владата.
Со ова, премиерот и неговото семејство станале партнер во процесот за да можат државата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата, врз основа на добиените податоци, да обезбедат подобар живот за сите граѓани на државата, истакнал Заев.
„Остануваат уште четири дена до крајот на најважната и најсложена статистичка операција – Попис на населението, домаќинствата и становите, којашто ја спроведува Државниот завод за статистика. По 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните“, порачал Заев, стои во соопштението.
За целосен успех на статистичката операција, тој го повтори апелот граѓаните да ги пречекаат попишувачите и да го дадат својот придонес „за успешен попис, како гаранција за сигурна и предвидлива иднина за сите нас“.
Вчера, во својот дом во Крива Паланка, својата граѓанска обврска ја исполни и вицепремиерот Љупчо Николовски, заедно со својата сопруга. Тој истакна дека пописот е најважната статистичка операција за креирање ефикасни мерки и за исполнување на реалните потреби на граѓаните и за развој на сите региони.
„Преку овој процес доаѓаме до прецизни податоци за сите граѓани за да може да се креираат ефективни мерки кои ќе донесат развој во секое населено место. Затоа упатувам голема благодарност до инструкторите, до реонските попишувачи и до сите од Државниот завод за статистика за професионалноста и посветеноста во успешното реализирање на пописот. После 20 години како земја-членка на НАТО можеме, мораме и ќе имаме успешен попис и тоа е патот по којшто ја трасираме иднината на нашата земја – Република Северна Македонија“, истакнал Николовски.
Пописот трае до крајот на следната недела, по што ќе следува сумирање на податоците.