Потпретседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) – Катица Николовска, денеска на јавната дебата посветена на претстојните локални избори рече дека дел од градоначалниците трошат средства од буџетот на општините за набавка на гориво, кое се точи во приватни возила, кои се во функција на изборните активности.
„Знаејќи дека ДКСК воспостави механизам да следи дали службените возила се користат за потребите на изборите, некои од градоначалниците трошат општински пари за набавка на гориво, кое се точи во други приватни возила, кои се користат во партиски активности, коишто се почнати предвреме“, потенцира Николовска.
Таа рече дека ДКСК ги следи сите дојави за точење гориво од општински пари во изборни цели, ги евидентира, нотира, и согласно надлежностите на Комисијата, ќе се оцени дали има потреба од отворање на предмет, постапување и соодветно санкционирање.
„Сите дојави кои ќе пристигнуваат до нас во текот на овој изборен процес, понатаму ќе претставуваат иницијатива да креираме нови механизми за следење на сите средства, не само со кои располагаат општините, туку и другите институции, да ги направиме транспарентни во делот на трошењето на буџетски пари во предизборниот и изборниот процес“, истакна Николовска.
Од ДКСК сметаат дека донекаде успеале да го решат проблемот со користење на службени возила за партиски активности, останува уште да се најде начин да се спречи користењето на горивото платено со општински пари, а користено за приватни возила.
Николовска, меѓу другото, на јавната дебата „Локални избори 2021 – Интегритет на изборниот процес и интегритет на учесниците“ во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата, посочи дека сме сведоци дека кај нас секоја година се одржуваат некакви избори, така што, партиите, како што рече, стануваат доминантни во секојдневниот живот на граѓаните и влијаат врз креирање на мислењето или на нивното однесување.
„Ако политичките партии се креатори на начинот на живеење и однесување во една држава преку законите кои ги креираат и ги носат, и како и сите други треба да ги почитуваат и применуваат, зошто пред секои избори се изнаоѓаат начини, и сето она што не е со закон забрането, станува редовна пракса за промовирање на некои проекти, партиски активности и пред официјално да започне изборната кампања. Партиите за да добијат што поголем број гласови, често пати даваат ветувања кои не се реални или се тешко изводливи. Уште повеќе што програмите остануваат како жив доказ за нивното лошо планирање, односно за активности кои не се реализирани“, вели Николовска.
Таа се осврна и на кандидирањето на лица кои во средината се познати како лица со сомнителни бизнис релации, потоа некој кој не е доволно ценет во својата средина, тогаш во кампањата наместо да се зборува за што се планира да се направи во иднина, се фокусира на создавање црна слика за личноста, а и со тоа на партијата.
Николовска забележа дека денес се користат новите технологии за кампањи, како што се социјалните мрежи, портали. Но, како што рече, најчесто се користат да се креира црна слика за некоја личност, односно за членови на ривалските партии.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата – Билјана Ивановска, на денешната јавна дебата истакна дека политичката култура на една земја е многу важна за изборниот процес. Таа може да влијае на ставовите на јавноста кон изборниот процес, а гласачите ќе имаат волја да гласаат кога постои политичка култура и кога постои верба во постоењето на интегритет во изборниот процес.
Според неа, обезбедување интегритет на изборите претставува лесен и возможен процес кога постои општ и национален консензус за начинот на нивно спроведување.
Таа објасни што претставува интегритетот на изборите согласно методологијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
„Независноста, која вклучува избегнување на судир на интереси и праведно постапување кон сите страни преку почитување на предметната регулатива. Понатаму, транспарентноста – гласачите и кандидатите имаат право да бидат информирани како ДИК ја извршува својата работа. Целиот изборен процес треба да биде транспарентен, без разлика дали станува збор за дизајн на гласачи ливчиња, набавка на системи за гласање и друго. Електронската пошта и другите комуникации, треба да бидат сместени во безбедни сервери со постојана евиденција за брза усогласеност со барањата за отворена Влада. Надзорот над процесот треба да работи по правило на отворени состаноци заедно со барањата за двопартиско претставување. И штом ќе се затворат гласачките места, каде што е можно, процесот на пребројување на гласови треба да биде пренесуван во живо“, рече Ивановска.
Таа истакна дека секоја земја треба да има своја форма на управување, обликувана од нејзината политичка, економска и културна историја.
„Во земјите со воспоставена историја на владеење на правото, каде што постапките се транспарентни и јавните службеници се повикани на одговорност, опкружувањето е генерално погодно за одржување на вистински кредибилни избори. Во земјите, кои страдаат од слабо владеењето на правото, одржувањето на изборниот процес и интегритет, оди многу потешко“, потенцира претседателката на ДКСК.
Според неа, легитимноста на изборите најмногу зависи од вистинскиот и перцепираниот интегритет за изборниот процес.
„Ако гласачите и кандидатите веруваат дека изборите биле лошо спроведени, тие можеби нема да го прифатат исходот од изборите. Во најдобар случај ова може да предизвика незадоволство, незаинтересираност кај јавноста. Меѓутоа, може да имаме и црни, лоши сценарија, како и насилство, неефикасно управување, долгорочна нестабилност и друго. Институциите треба да направат важен чекор кон избегнување на овие состојби, преку овозможување на правилни, точни, навремени податоци, со цел да се избегне појавата на лажни вести и спроведување на изборен процес преку правилно организирана кампања“, рече Ивановска.
Таа рече дека за изборниот процес се многу важни и безбедносните прашања.
„Лицата кои се вклучени како административен кадар во процесот на спроведување на изборите можат да бидат подложни на закани или насилство од оние кои сакаат да влијаат врз гласањето. Независните набљудувачи се предмет на слични закани и насилство, затоа во такви случаи присуствуваат и меѓународни набљудувачи, чие присуство е особено важно и вредно и може да обезбеди поголема безбедност за домашните набљудувачи“, истакна Ивановска.
Според неа, каде што има ниска доверба на граѓаните во владините институции постои недостаток и на доверба во политичките партии и во почитување на правилата.
Таа, исто така, посочи дека особено е важно членовите на Владата да го почитуваат етичкиот кодекс за време на избори.
„Во етичкиот кодекс за членовите на Владата има посебен член со којшто се регулира и активноста на вршителите и носителите на јавни функции. Има објаснето како тие треба да постапуваат во изборниот процес и тоа во никој случај да не ја загрозат јавната функција и да го доведат во прашање професионалниот пристап кон извршување на функцијата“, вели Ивановска.
МИА