Шекеринска во САД: Македонското знаме поставено во холот на НАТО во Пентагон (ФОТО)

Денеска во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме, со што, по нашето членство во Алијансата, нашето знаме им се придружи на останатите 29 знамиња на земјите членки.

Знамето симболично го открија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД – Лора Купер.

Од Министерството за одбрана, посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, информираа дека Купер ѝ се заблагодарила на Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.

На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија – Кејт Мари Брнз, која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот, при што ѝ честиташе на Шекеринска на нејзиното, како што рече, лидерство и визионерство во остварувањето на стратешките цели на државата.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Шекеринска, како што се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. „Ви благодарам што верувавте во нас“, додала таа.

На церемонијата присуствувала и Морин Кормак – помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка – Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.

- Реклама -