Димитров: Нон-пејперот за спорот со Бугарија ми личи на балканска, а можеби и домашна ујдурма

Контроверзниот нон-пејпер за спорот со Бугарија, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров првпат го добил од новинар, заедно со новинарско прашање дали истиот е веродостоен, откри тој денес во гостувањето во „Утрински брифинг“.

Според начинот на кој е напишан и формулациите во него, нон-пејперот личи на „балканска ујдурма“, оценува Димитров.

„Првиот впечаток ми беше… бидејќи многу имам читано и ‘нон-пејпери’ и официјални документи… во англиската граматика, терминологијата и во суштинските тези, приодот кон проблемот на македонско-бугарските односи во последните две години е многу далеку од реалноста. Направив неколку телефонски разговори и јасно е дека некој прави некаква идеја. Сигурно, претпоставувам дека е од регионот, некој тука. Бугарија е пред избори, кај нас има локални, а можеби е и некаква домашна ујдурма малку да се подзоврие таа тема, па малку и некој политички поен можеби, меѓутоа сѐ тоа се шпекулации“, изјави Димитров.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Во врска со односите со Бугарија, Димитров вели дека на тој план не се случува ништо со оглед на тоа што Бугарија е пред трети вонредни парламентарни избори кои ќе се одржат заедно со претседателските.

„Има контакти на дипломатско ниво, на експертско и работно ниво, ние сме сепак соседни држави. Но јасно е дека политички соговорник нема и треба да чекаме бугарскиот народ да се одлучи на избори“, изјави Димитров.

- Реклама -