Оставка ќе дава и Груби? „Кога доаѓаш од народот, не постои начин да постапиш поинаку“ – коментира тој за Бесими и за Хасани

Поради пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, денеска оставки поднесоа/понудија директорот на Клиничката болница во Тетово – Флорин Бесими, економскиот директор на болницата – Артан Етеми, заменик-министерот за здравство – Илир Хасани, но и министерот за здравство – Венко Филипче.

Но, според порталот на албански јазик „ИнфоШкип“, оставките нема да запрат со нив. Следен во низата, тврди порталот повикувајќи се на извори кои, како што вели, сакаат да останат анонимни, е првиот вицепремиер Артан Груби. Според порталот, се очекува Груби тоа официјално да го потврди вечерва.

Груби, пак, пред околу два часа се огласи на Фејсбук, но не за да соопшти своја оставка, туку да ги пофали Бесими и Хасани. Меѓутоа, не е тешко неговата порака да се протолкува и како суптилна најава за она што наводно го дознава „Инфошкип“.

„Кога доаѓаш од народот, не постои начин да постапиш поинаку.

И Илир и Флорин нема да престанат со нивниот придонес за граѓаните и општеството. Тие се со нас и блиску до граѓаните.
Дури и вечерва ќе ги најдете на должност, помагајќи им на пациентите без оглед на нивната јавна функција“, напиша Груби.

Прочитајте и:  Петрушевски: Љупчо Николовски плаќал и по 500 евра за хотел од вечер, земјоделците чекале на него да ги подобри работите

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ инсистираат на оставка и од премиерот Зоран Заев. Во соопштение тие посочуваат дека и по точно 48 часа од ужасот во Тетово, него сѐ уште го нема во јавноста.

„Точно 48 часа по ужасот во Тетово, Заев го нема во јавноста со одговори за несреќата.

Два дена Заев молчи и бега да поднесе оставка за да ја ослободи истрагата од влијание кое ќе попречи на нејзината објективност и неутралност.

Оставката на Филипче не е доволна и истрагата ќе успее само Заев ако си поднесе оставка“, велат од опозицијата.

„Досегашното криење на Заев ни дава причини да веруваме дека се одвива процес за заташкување на доказите и прикривање на одговорноста. Затоа брзо оставки, за објективна истрага и одговорност“, се додава во соопштението.

- Реклама -