Бајден: Напуштањето на Авганистан беше најдобрата одлука на САД

Вашингтон, 1 септември 2021 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден се обрати до нацијата на крајот од најдолгата војна што ја водеа САД и уште еднаш ја објасни својата одлука да стави крај на 20-годишниот американски ангажман во Авганистан.

„Не сакав да ја продолжам вечната војна и не сакав да го продолжам вечниот излез од војната… Искрено можам да ви кажам дека сум убеден дека ова е добра, мудра одлука, најдобра одлука за Америка“, рече Бајден.

Претседателот на САД ја презеде одговорноста за таквата одлука и рече дека не се согласува со критиките дека постоел подобар начин за евакуација на Американците и цивилите.

„Некои сега велат дека евакуацијата требало да почне порано или дека може да се спроведе на поуреден начин. Го почитувам тоа, но не се согласувам. Метежот на аеродромот би се создал без оглед кога ќе започне повлекувањето“, рече Бајден.

„Замислете дека сме ја започнале евакуацијата во јуни или јули, донесовме илјадници американски војници и евакуиравме повеќе од 120.000 луѓе среде граѓанска војна. Би имало метеж, уривање на довербата во владата и ситуацијата ќе стане тешка и опасна мисија. Нема евакуација на крај на војна што можете да ја водите без сложеност, предизвиците и заканите со кои се соочивме“, посочи тој.

Бајден рече дека 90 проценти од Американците кои сакале да го напуштат Авганистан успеале да се евакуираат и додаде дека има меѓу 100 и 200 американски државјани кои сѐ уште сакаат да ја напуштат земјата.

„Нема рок за преостанатите Американци, ние сме решени да ги извлечеме доколку сакаат да го напуштат Авганистан“, нагласи тој.

На почетокот на важниот говор пред Американците, Бајден го посочи успехот на евакуацијата, која ја опиша како најголема воздушна операција во историјата.

„Американските војници, дипломати и разузнавачки професионалци ги ризикуваа своите животи не за професионална корист, туку за да им служат на другите, не во воена мисија, туку во мисија на солидарност“, рече Бајден.

Тој исто така изјави дека нацијата никогаш нема да може да го врати долгот кон семејствата на 20 повредени војници и 13 херои кои го дадоа животот за време на евакуацијата и самоубиствените напади извршени од ИД.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Објаснувајќи ја одлуката за повлекување на војниците до 31 август, американскиот претседател рече дека постои претпоставка дека авганистанските сили, кои САД ги обучуваа и финансираа со години, ќе одолеат на граѓанската војна со талибанците и дека авганистанската влада ќе преживее за некое време.

„Таа претпоставка се покажа како неточна“, рече Бајден.

Тој, исто така, потсети дека претходната администрација на претседателот Доналд Трамп постигнала договор со Талибанците за повлекување на американските војници и дека неговата администрација чекала 1 мај како краен рок за повлекување.

„Имавме два избори – да ги почитуваме обврските преземени од претходната администрација или да испратиме илјадници дополнителни војници и да ја прошириме војната“, рече Бајден.

Бајден, исто така, рече дека не верува дека безбедноста на САД ќе се подобри со распоредување илјадници војници во странски земји и трошење илјадници милијарди долари.

„Тероризмот се менува, се шири и во други земји, нашата стратегија исто така мора да се промени. Можеме да извршиме напади врз терористи без американски војници на теренот“, рече тој.

На терористите на ИД во Авганистан, групата ИСИС-К, американскиот претседател им порача: „Сѐ уште не завршивме со вас“.

Мнозинството луѓе во САД веруваат дека Вашингтон не успеа да ја постигне својата цел во Авганистан. Ова го покажува социолошка студија на Институтот Пју, јави ДПА. Има мала разлика помеѓу ставовите на демократите (69 проценти) и републиканците (70 проценти), кои веруваат дека американската мисија е неуспешна.

Постојат јасни разлики во проценката за целосно повлекување на американските војници од Авганистан: 70 проценти од демократите го поддржуваат, но републиканците – само 34 проценти.

Вкупно 54 проценти од возрасните во САД веруваат дека одлуката за повлекување на војниците е правилна, а според 42 проценти е погрешна.

Американската војска преговараше за таен аранжман со талибанците според кој членовите на организацијата придружуваа групи Американци до влезот на аеродромот во Кабул за да бидат евакуирани од Авганистан, потврдија двајца американски одбранбени претставници за Си -Ен -Ен.

Еден официјален претставник исто така откри дека американските сили за специјални операции поставиле „тајна порта“ на аеродромот и формирале „позивни центри“ за да ги водат Американците низ процесот на евакуација.

- Реклама -