Пунктот за вакцинација во малата сала во СЦ Борис Трајковски од рано утрово започна со работа. Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат може да го направат тоа без закажан термин. Во останатите поликлиники во Скопје и во сите други пунктови низ државата продолжува да се одвива вакцинација и ревакцинација на граѓаните.
„Еден дел од тимот лекари и медицински сестри и волонтери од Црвениот крст од повеќе пунктови во здравствените домови во Скопје од денеска функционираат и работат тука со цел да се зголеми пристапот до вакцините имајќи го предвид големиот интерес што го има кај граѓаните по воведувањето на новите мерки и препораки“, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
На територијата на целата држава, нагласи, вакцинацијата добро се спроведува. Одличен е просекот на граѓани кои се јавуваат секој ден – некаде над десеттина илјади, и со тоа вкупниот број граѓани кои се сега вакцинирани со најмалку една доза се близу 700 илјади, од кои 510 илјади се ревакцинирани.
„Она што е карактеристично и интересно е тоа што во последниот период значајно расте интересот за вакцинација на помладите граѓани, особено од 18 до 40 години, и сега таа бројка изнесува 170 илјади вакцинирани граѓани, што според анализите е 26 проценти од вкупно население во тие возрасни групи“, рече министерот Филипче.
Тој смета дека можеби вакцината против коронавирусот ќе стане и сезонска и оти ќе биде потребна и трета доза, за што, според него, зборуваат и голем број студии. Кај нас се разгледуваат студиите и искуствата, нагласи, но веројатно е дека практично целиот свет ќе оди во таа насока. Сега се разгледува по кој период од ревакцината треба да се прими третата доза и дали треба да биде од ист или различен производител.
Според него, кампањата „Вакцинирај сѐ“ ќе биде клучна за зголемување на свеста кај граѓаните од потребата од имунизација.
„Кампањата значи видео спотови, вклучување на видни и јавни личности од светот на културата, светот, сите кои мислиме дека имаат влијание на различни групи во општеството за да се зголеми свеста за важноста на вакцината. Ова ќе биде долготраен процес. Се зборува за трета доза вакцина, можеби ќе стане сезонска иако е рано да се каже. Потребна е честа комуникација со граѓаните за пораката која се кажува секојдневно. Ова нема да престане додека не се вакцинираме сите“, рече Филипче.
Вели дека тоа што се инвестира во кампањи воопшто не значи дека се скратени средствата на некое друго место, туку дека се внимава буквално на сите сегменти кога е во прашање вакцинацијата.
„И во претходните месеци имаше активни кампањи, со тоа што тоа не беа кампањи на Владата, меѓутоа плански беше тоа направено. Најпрво започна кампањата на УНИЦЕФ, па на Делегацијата на ЕУ. Сега како следен чекор, нашата кампања на Владата. И медиумите се еден од нашите најгоеми партнери во борбата со пандемијата. Оваа криза меѓу другото, добро се менаџира и со навременото споделување на точни информации до граѓаните. Водиме сметка за сите сегменти. Нигде не е скратено“, посочи министерот.
Тој рече дека се разгледуваат и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзи тестови кај децата.
„Сето тоа се разгледува од страна на експертите. Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки согласно тоа како се одвива сликата со пандемијата“, нагласи тој во денешната изјава за медиумите.
Филипче објасни дека актуелната кампања ќе се води преку видеоспотови во кои ќе бидат вклучени јавни личности од светот на спортот, културата и други области. Според него, тоа се видни лица кои може да имаат влијание врз различни возрасни групи во општеството.
Повика на масовна вакцинација, особено за децата кои ќе почнат да одат во училиште и во градинка, битно е нивните родители да се вакцинираат за да се обезбедат семејствата.
„Ова е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата. Сите пандемии и епидемии, историски гледано наназад во светот, завршиле исклучиво со вакцинација, а не со прележување на болеста и сега кога имаме инструмент и механизам на располагање и кога е докажано ефикасен и ефективен, што се докажува со релативно помал број пациенти во градовите во кои е поголем опфатот на вакцинација“, истакна министерот за здравство.
Потенцира дека лицата кои имаат медицински оправдани причини ќе добијат потврди дека не можат да бидат вакцинирани, и оти тоа е обично во сферата на автоимуните болести. Немаат бројка за колкав број лица станува збор, но, нагласи дека е сигурен оти не е нешто што може сериозно да влијае на колективниот имунитет.