Шекеринска: Секој евакуиран граѓанин на Авганистан ќе биде регистриран, јавноста за сите ќе биде информирана

„Секое пристигнување, секој евакуиран граѓанин на Авганистан кој ќе пристигне, секој ќе биде регистриран и за сите ќе бидете информирани“, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа потенцираше дека се работи за луѓена кои им е потребно привремено престојување пред да заминат во земјите на нивната крајна одредница. Додаде и дека е многу внимателна со бројките, ставајќи акцент на тоа дека нема да се крие ниту еден податок.

Според Шекеринска, како земја која и сама се соочувала со свои бегалци и како земја која сама барала поддршка од НАТО и од ЕУ, сега кога сме во НАТО имаме и малку повеќе одговорност да размислуваме и да помогнеме да се ублажи оваа хуманитарна катастрофа.

Поради тоа што како држава се соочуваме со проблеми поради пандемијата на ковид-19, сите овие луѓе ќе бидат, според министерката за одбрана, на трошок на нашите сојузници или на дел од организациите што ги праќаат. Тие ќе бидат поддршка за оваа хуманитарна помош, додаде таа.

„Како држава која знае колку е опасен екстремизмот, треба да дадеме помош и поддршка“, констатираше министерката.

Таа посочи и дека дел од Авганистанците кои се евакуирани и кои работеле за НАТО, ќе бидат најверојатно транспортирани во некоја од НАТО базите низ Европа.

„И ние веќе добивме барање од НАТО и најверојатно позитивно ќе одговориме за некаков тип на дополнителна поддршка таму, со офицери за цивилно-воени односи, офицери за односи со јавност, како и со одреден тип на можна медицинска или психолошка поддршка. Ние како дел од НАТО Алијансата ги дефинираме кои се тие капацитети кои можеме да ги испратиме во некои од НАТО базите низ Европа каде ќе бидат примени еден дел од евакуираните граѓани кои веќе работеле за НАТО Алијансата“, рече Шекеринска.

Таа оцени дека операцијата за евакуација навистина е многу широка – опфаќа десетина европски држави, еден дел во воени капацитети, а состојбата се менува од ден на ден.

Извор: МИА

- Реклама -