„Ја молев опозицијата пописот да биде на крајот на мај или барем на почетокот на јуни“, истакна премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање, потенцирајќи дека пописот требаше да се реализира во април годинава, но на барање на опозицијата беше одложен за септември.
„Најголемата опозициска партија побара лидерска средба со барање за одложување на пописот за септември. Ако се вратиме наназад ќе видиме дека тогаш имавме меѓу 4 и 50 заразени граѓани. Им рековме, никој не знаеме во септември што ќе се случи. Еве го септември доаѓа, на врата ни е, бројките се над илјада“, посочи Заев.
Тој информираше дека како наближува 5 септември – денот кога почнува пописот, така сѐ повеќе и повеќе се пополнува бројот на попишувачи, посебно во оние региони каде што немаше. Тој уште еднаш апелираше до граѓаните да се пријават да бидат попишувачи (на веб страната на Заводот за статистика), акцентирајќи дека оваа операција ќе се спроведе по цели 20 години, но и потсетувајќи дека попишувачите ќе добијат надомест помеѓу 25 и 40 илјади денари.
Заев беше прашан и за процесот на издавање лични карти, кој продолжи по цели два месеца застој. Надминувањето на пречката, како што рече премиерот, е резултат на креативноста на правните служби, пред сѐ на правните служби во МВР, кои заедно со законодавството, како што рече, утврдија дека Законот за употребата на јазиците и Уставот се доволна основа за да почне издавањето на новите лични документи.
„Тие два месеци работеа сите правни и стручни служби заедно да го изнајдат решението затоа што во услови кога не се донесува законот за новите лични карти важи стариот Закон за лични карти. На основа на членот 13, 14 и 23 од Законот за употреба на јазиците и Уставот се најде правната формулација“, рече Заев, изразувајќи благодарност до експертите во надлежните служби за надминување на проблемот.
Извор: МИА