Ерусалим, 23 август 2021 (МИА) – Израел започна тестирање на деца на возраст меѓу три и 12 години за антитела на Ковид-19, сакајќи да испита колку развиле имунитет на коронавирус без вакцини пред почетокот на учебната година.
И покрај зголемениот број на новозаразени со делта сојот, израелската Влада инсистира дека сака да избегне повторно затворање на училиштата.
Израел веќе започна да вакцинира деца на возраст од 12 и повеќе години.
Националното серолошко истражување се фокусира на деца на возраст од три до 12 години, кои, поради нивната возраст, сѐ уште не можат да примат вакцина, а нивната бројка во Израел изнесува 1.5 милиони.
Целта е да се открие колку деца развиле силна заштита од антитела откако го совладале вирусот без симптоми, соопшти Министерството за образование.
Децата со доволно количество на антитела нема да мора да бидат ставени во карантин по контакт со заразени лица.
Во вчерашното соопштение, градоначалникот на Ерусалим, Моше Леон, ги повика родителите да ги донесат своите деца на бесплатен 15-минутен тест што се прави со вадење крв од прст.
Истражувањето е спроведено заедно од министерствата за здравство и за образование и од армијата.
Пилот програмата спроведена минатата недела, која беше главно фокусирана на православните еврејски заедници, покажа дека околу една петтина од децата развиле антитела, објави военото радио.
Генералниот директор на Министерството за образование, Јигал Словик, минатиот месец истакна дека затворањето на училиштата минатата година предизвикало „емоционална и социјална штета“ кај учениците.
Израел беше една од првите држави која започна со вакцинирање на населението минатиот декември, постигнувајќи договор со компанијата Фајзер за набавка на милиони дози вакцини во замена за споделување информации за нивната ефикасност.
Таа кампања беше поздравена како успешна бидејќи драстично го намали бројот на заразени, но Израел повторно регистрира илјадници нови случаи дневно.
Израел сега нуди и трета доза вакцина за сите лица постари од 40 години, паралелно повикувајќи ги оние кои не се имунизирани да го сторат тоа.
Досега, повеќе од 5.4 милиони од речиси 9.3 милиони луѓе во Израел се вакцинирани со две дози, а 1.2 милиони жители ја примиле третата доза.