Владата, на денешната седница, го прифати предлог решението на МВР за проблемот со лични карти, со што МВР од утре продолжува со печатење и издавање на лични карти со новите обрасци, соопшти министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, на Фејсбук.
Како што информираат од Владата, тоа било единствена точка на дневен ред на денешната редовна 100-та седница.
„Соодветно на Информацијата за надминување на актуелната состојба во врска со издавање на обрасците на новите лични карти, Владата го задолжи Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти“, се вели во соопштението.
Спасовски информира дека подзаконскиот пропис уште во текот на денешниот ден ќе биде објавен во „Службен весник“ и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.