Скопје, 19 август 2021 (МИА) – Претставници од Здружението на воени ветерани и воени инвалиди од 2001 година – „ФЕНИКС“, предводени од претседателот на здружението – Лазо Наумов, денеска на средба со премиерот Зоран Заев му изразија благодарност и му врачија плакета за отвореноста за соработка и покажаното разбирање за решавање на прашањата што ги засегаат членовите на здружението.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата е истакнато дека првпат, после многугодишна запоставеност, еден премиер покажува заинтересираност за нивна помош и поддршка. Разговарано е, се наведува, и за повеќе актуелни прашања, посочени како важни од страна на претставниците на здружението „ФЕНИКС“.
Во таа насока, договорено е разгледување на досегашната примена на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци и заложба за доследна примена на Законот од страна на сите надлежни институции на системот, стои во соопштението на Владата.