ВМРО-ДПМНЕ објави дел од кандидатите за градоначалници, за СДСМ тоа е „понуда од немај каде“

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска објавија дел од кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори:

• Кисела Вода – Орце Георгиевски, организациски секретар на партијата
• Сопиште – Стевче Трповски, актуелен градоначалник
• Центар – Наташа Котлар, доктор по компаративна историја
• Кочани – Љупчо Папазов, бизнисмен
• Петровец – Борче Митевски, актуелен градоначалник
• Илинден – Александар Ѓоргиевски, магистер по политички науки од МТСП, советник во општината
• Штип – Иван Јорданов, актуелен пратеник
• Велес – Марко Колев, од невладиниот и од бизнис секторот
• Радовиш – Александар Ристов, експерт од областа на енергетиката и стопанственик
• Конче – Златко Ристов, детектив и поранешен бранител
• Босилово – Ристо Манчев, магистер по економски науки и консултант
• Валандово – Тони Узунов, стопанственик
• Богданци – Маријан Пеев, вработен во општината
• Дојран – Филип Дончовски, инженер по шумарство и раководител на прочистителна станица во Нов Дојран
• Гевгелија – Андон Сарамандов, стручњак по земјоделски науки
• Неготино – Горан Стојанов, доктор интернист и раководител на Итната медицинска помош
• Демир Капија – Андон Донев, наставник
• Росоман – Тихомир Николов, ИТ-инженер
• Прилеп – Борче Јовчевски, сметководител во Агенцијата за храна и ветеринарство
• Кривогаштани – Александар Богдановски, раководител
• Могила – Слободанчо Саботковски, земјоделец и агент за продажба на осигурителни полиси
• Новаци – Стевче Стевановски, агроном
• Вевчани – Спасе Кочовски, социолог
• Брвеница – Јовица Илиевски, здравствен работник во Клиничкиот центар Тетово и физиотерапевт
• Јегуновце – Димитар Костадиновски, специјалист по маркетинг
• Гази Баба – Бобан Стефковски, магистер по безбедносни науки од Министерството за труд и социјална политика, советник во општината.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, овие кандидати ќе донесат победа на овие локални избори.

„Убеден сум дека ова е вистинската понуда за нов почеток, за нова сила која што ќе донесе промени и решавање на проблемите на сите граѓани, за тоа што Македонија мора да биде земја за сите луѓе“, рече Николоски.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

За СДСМ, понудата е „од немај каде“.

„Она што денеска го слушнавме на претставувањето на кандидатите за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кажува две работи: Прво, СДСМ е убедлив фаворит, победник на локалните избори; и второ, Мицкоски знае дека ги губи изборите и ова е понуда од немај каде. Како едвај да нашол кандидати што ќе претрпат пораз, па затоа огромно мнозинство од кандидатите се непознати“, истакна на партиската прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Според Кузеска, не само што нема ништо ново во понудата на Мицкоски, туку и, како што рече, „огромен дел“ од претставените кандидати се од времето на Груевски и биле кандидати за советници или имале државни функции на локално или централно ниво. Според СДСМ, објавените кандидати не се оние со највисок рејтинг во дадените општини, туку луѓе со многу помала поддршка, што, според нив, сугерира дека Мицкоски си поставува свои пријатели и послушници. Кузеска обвини дека ни самиот Мицкоски не верува во својата понуда и оттаму, оцени таа, СДСМ е апсолутен фаворит на локалните избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја „поздравија“ прес-конференцијата на Кузеска.

„Им благодариме на СДСМ што јавно признаа дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ се нови и некомпромитирани луѓе кои што ќе ја добијат целосната поддршка од граѓаните.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ на наредните локални избори ќе понудат реална, остварлива програма која ќе биде креирана заедно со граѓаните.

За разлика од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, досега презентираните кадри на СДСМ се корумпирани, потрошени и докажани неработници, кои што единствено ги интересира да доделат по некој тендер на нивни блиски фирми и кадри кои што се целосно во одбрана на криминалот на фамилијата Заеви“, порачаа од опозицијата.

- Реклама -