„Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку што имаат Австријците во неколку камиони. Кога ја гледаме таа опрема, како да сме во временска машина што нѐ однела 200 години понапред“, велат Малешевци за пожарникарите од Австрија кои помагаат во гаснењето на пожарите што ја зафатија земјава.
Со силни впечатоци од она што го виделе, локалните жители, за „Дојче веле“, велат дека доживеале културен шок:
„Доживеаме вистински културен шок кога ја видовме опремата на австриските пожарникари. Организирани се во бригади, со себе имаат амбулантно возило, возило-кујна, возило-тоалет, џипови, мотори на две и четири тркала, церадни базени за акумулација на вода на терен… Во Пехчево тие направија буквално монтажен хотел, лоциран на едно игралиште. Не ни забележавме дека преку ноќ го монтирале објектот, сосема бесшумно… Имаат техника да спроведат вшмукување вода од 5 километри за секој камион. Така направија завчера и во Будинарци. Пуштија црево во планината за дотур на вода. Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку што тие имаат во неколку камиони”, вели жител на Пехчево.
Освен од опремата, жителите, во сета несреќа што им ја приредија пламените јазици, се фасцинирани и од однесувањето на австриските пожарникари, како кон работата – тивки, вредни, организирани, ефикасни; а уште повеќе кон самите нив – командантот на бригадата забележал дека навечер доаѓаат деца да се фотографираат покрај австриските камиони, па дал наредба двајца пожарникари да бидат дежурни 2 часа само заради децата, да им овозможат да седнат во камионот, да ги вклучат сирените, да се фотографираат…
Австријците, пак, подеднакво се „фасцинирани“ од тоа каде дошле, особено од нашиот ФАП, исто како и Словенците… Целиот текст топло препорачуваме да го прочитате ТУКА. За детали од терен и одлични фотографии од борбата со пожарите во земјава, упатете се на Фејсбук профилот на австриските пожарникари.
ФОТКИ: Фејсбук