Ангелов: Во некои случаи пожари се предизвикани од искрење на жици на бандери, имаме и очевидец кој веднаш пробал да изгаси, но…

„Во неколку случаи е утврдено дека пожари се настанати поради искрење помеѓу жици на бандери или далекуводи, пради што во тек е изработка на барање до ЕВН за да ги проверат нивните системи за дистрѕбуција на електрична енергија“, информираше денеска на пладневната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) – Стојанче Ангелов.

Тој напомена дека овие искри паѓаат на земја, а доволно е само една од нив за да предизвика пожар, посочувајќи дека вчера во кумановскиот регион имало и сведоци кои виделе искрење на жиците.

„Во текот на вчерашниот ден јас бев на местото на неколку пожари. Во кумановскиот регион имаме сведоци кои што виделе искрење на жици. Пожарот во Богословец е предизвикан од искрење на жици и имаме очевидец кој кога паднале искрите, веднаш се стрчал кон местото, но едноставно бил немоќен, затоа што пожарот се шири со многу голема брзина поради сувата вегетација и ветришта кои постојано дуваат“, додаде Ангелов.

Прочитајте и:  Ангелов: Државата е подготвена за претстојни врнежи од снег, надлежните нема да бидат изненадени

Директорот на ЦУК истакна дека се изработува барање до ЕВН за да се обидат секогаш кога ќе добијат ваква пријава, да преземат она што е потребно.

Во однос на прашањето како се одвива евакуацијата на жителите, тој посочи дека евакуацијата е оставена последна, бидејќи во овој момент нема загрозени куќи.

„Во овој момент ние немаме загрозени куќи. Вчера јас бев сведок во селото Богословец на изгорени куќи, но тоа се стари куќи, некои се целосно напуштени, а некои луѓето ги користат како викендици. Таму воопшто и нема нови куќи“, рече Ангелов.

Тој напомена дека апелите не се во насока на ширење на паника, туку на прво место да се заштитат човечки животи, затоа што, како што рече, „нови куќи ќе се направат, но човечки живот не може да се врати“.

Извор: МИА

- Реклама -