„Сите надлежни институции на централно и локално ниво, се активни за справување со пожарите, приведени се и осомничени лица за подметнување пожари. Владата е во постојано заседание, министри се на терен секојдневно, државата, институциите се тука за граѓание, системот функционира“, велат од СДСМ во реакција на прес-конференцијата на Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека власта го оставила народот сам на себе и дека целосно затаил системот на заштита, бидејќи во спротивно пожарите немало да ескалираат.
„И три дена нема ни трага ни глас од Заев. Тој е првоодговорен за состојбите. Не може неговиот одмор да биде поважен од животот на граѓаните. Тој и сите функционери се платени од парите на граѓаните, истите оние кои што сега се борат за жживот и молат за помош. Прогласија кризна состојба и ги снема“, истакна Мисајловски, повикувајќи ги граѓаните „во отсуство на власт“ сами да им помогнат на пожарникарите од другите земји кои дојдоа во земјава да помогнат во гаснењето. Мисајловски истакна и дека ВМРО-ДПМНЕ целосно стои на располагање за потребите на граѓаните и сѐ што е потребно, а згора и порача дека „не е време за политикантство“.
И додека од Владата потврдија дека премиерот Зоран Заев користи годишен одмор, од СДСМ прашуваат каде е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
„Во ВМРО-ДПМНЕ треба да одговорат каде е политичкиот пироман Христијан Мицкоски? Дали е на одмор во Црна Гора или во некоја друга земја?“, стои во реакцијата.