Османи: Охридскиот рамковен договор беше база за Преспанскиот договор со Грција и договорот со Бугарија

„Охридскиот рамковен договор е политички бисер кој што е внатрешна сила која што нѐ подготви да се соочуваме со надворешните предизвици. Тој е база за потпишување на двата други договори – со Бугарија и на Преспанскиот договор со Грција“, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на вчерашната тематска седница на Владата посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Османи додаде дека овој договор се зема за пример насекаде низ светот, а изрази и задоволство што секој ден сѐ повеќе се прифаќа и внатре во земјата.

„Со јубилејот на Охридскиот рамковен договор одбележуваме и 20 години автентична историја и успешна интеграција внатре во државата. Тоа е предизвик за сите модерни земји, а во нашиот регион е вистинска реткост“, потенцираше министерот за надворешни работи.

Премиерот Зоран Заев на седницата истакна дека министерот Османи, како и вицепремиерот Никола Димитров, се сведоци на тоа колку светот сака да употреби нешто автентично и дека Охридскиот рамковен договор е употреблив во многу аспекти во регионот, а и пошироко во светот.

- Реклама -