„Позелене“ министерството на Османи, вработените ќе користат електрични тротинети и велосипеди

„Зелената дипломатија е новото нормално, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, презентирајќи ги електричните тротинети и велосипеди кои се набавени за вработените во МНР.

Како што може да се види од фотографиите кои Османи ги објави на својот Фејсбук профил, тој и самиот ги проба превозните средства, чија употреба, вели, ќе биде пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето.

Според Османи, практичноста од употребата на ваков тип на превозни средства станува јасна со едноставен преглед на локациите на државните институции чии вработени секојдневно соработуваат и имаат состаноци и координации, при што веднаш се забележува дека 90% од нив се наоѓаат во дијаметар од 1-2 километри.

„За вакви секојдневни кратки дестинации треба да се обидеме, колку можеме повеќе и колку ни дозволуваат околностите, да се користи велосипед, електричен тротинет“, објасни Османи.

Преку вакви примери, додаде тој, си помагаме себе си, а ќе им ослободиме простор и на другите и ќе ѝ помогнеме на околината и на природата, за да имаме почиста животна средина.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Овој потег не ѝ се допадна на опозициската Алијанса за Албанците.

„Грдоста на ДУИ не може да биде покриена ниту со пудра, ниту со боја, ниту со лаги“, реагираа тие, оценувајќи дека Османи „им фрла пепел во очите на граѓаните“.

„Купувањето на неколку тротинети за вработените на МНР е само обид да се прикрие луксузирањето на функционерите на ДУИ. Во пресрет на локалните избори, Бујар Османи сака да фрли пепел во очите на граѓаните, додека неговите сопартијци – градоначалниците на Дебар, Струга, директори на јавни претпријатија, како и на самата Влада, трошат милиони денари на скапи автомобили.

Сега, кога министерот потфрли на секое поле на одговорност и ги доведе нашата дипломатија и процесотна интеграција во колапс, има време за залуден ПР со тротинети од 200 евра. Би сакале барем да ги купеше по пазарна цена, со оглед на неговото богато минато полно со корупциски сомнежи кога станува збор за јавните тендери“, порачаа од Алијанса за Албанците.

- Реклама -